Првото 3Д кино во Македонија до крајот на годинава
29 јули 2011Една од двете кино сали во трговскиот центар Рамстор во Скопје ќе добие дигитална опрема со можност за 3Д проекции. Поддршката од 20 илјади евра за опремување, киното ќе ја добие од европскиот филмски фонд Еуримаж, изјави Виолета Станковска, програмски уредник во дистрибутерската куќа С.В-РСА за Дојче Веле.
„Најинтересно е што покрај дигитализацијата ќе има и 3Д. Се надевам дека на следниот состанок на Еуримаж нашата апликација ќе биде потврдена од компанијата АЦДЦ како генерален сервисер за земјите од источна Европа од компанијата ХДЦ како провајдер кој доби на тендерот за дигитализација во овој дел од Европа.Овој процес би требало да се заврши кон крајот на октомври и почетокот на ноември“.
Ваква поддршка добиваат кината -членки на европската мрежа на кина Еуропа Синемас. По 20 илјади евра ќе добијат и другите две кина но кога ќе ги обезбедат останатите 2/3 од парите за опремата, потврдува Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на Македонија и македонски претставник во Еуримаж.
„Најнапредна е апликацијата на киното Рамстор овој прикажувач вложува сопствени средства добиени со банкарски кредити. Што се однесува до киното Фросина и киното во Центарот за култура во Битола, сигурно е дека ќе ги добијат средствата за дигитализација. Конкурсот е во завршна фаза, но кината треба да ги потврдат останатите 2/3 односно 60 % од потребните средства за дигитализација. Еуримаж донесе одлука да не се оди со процент па некој да добие помалку односно повеќе пари ,туку тоа ќе биде рамномерна поддршка од по 20 илјади евра за кино сала“.
Македонска кино-депресија
Со дигиталното кино со 3Д можностите веројатно повеќе нема да бидеме единствената земја во регионот што нема 3Д кино. Виолета Станковска од С.В-РСА вели дека ќе биде мошне тешко да се врати „загубената“ публика во кината, но истовремено се надева дека со новите атрактивни можности што ги нуди 3Д технологијата во прикажувањето филмови таа сепак ќе им се врати и на „традиционалните“ 2Д проекции.
„Многу е тешко да се врати публиката. Тоа е пионерска работа. Ова што сега го прават кината во Рамстор не е толку бизнис колку што го прават од љубов. Киноприкажувањето во Македонија дефинитивно не може да биде бизнис. Не може и да се заработува и да се прави нешто за да опстане киноприкажувачката дејност. Тоа е нашата цел. Инаку, сигурно е дека ќе има некоја приватна иницијатива за мултиплекс, но секако не и за обновување на кино салите во центрите за култура кои се под ингеренции на Министерството за култура. Секако, дистрибутерите ќе помогнат со прикажување. Но, мислам дека ќе биде многу тешко луѓето да се вратат во кино. Како да се вратат? Кината имаат стара опрема за прикажување. Дури и да успеете да направите нешто со нив и да успеете да ги обновите , сега постои дигитална опрема“.
Нова македонска кино мрежа
Министерството за култура подолго време најавува заживување на кино мрежата во земјава односно ревитализирање на околу 14 кино сали во рамките на домовите и центри за култура над кои има надлежности и оние под ингеренција на локалната самоуправа.
Директорот на Филмскиот фонд Дарко Башески вели дека се случува сега да имаме филмови но немаме каде да ги прикажеме па затоа фондот ќе се нафати за обновување на постојните кино сали сè до нивната дигитализација во следните 3 години.
„Ако кино салите и директорите на домовите за култура немаат интерес да прикажуваат филмови, тогаш сите инвестии се залудни. Со некои од нив се убедувавме да прикажуваат што повеќе европски филмови за да можат да влезат во мрежата на Еуримаж и Еуропа Синемас за да можат да добиваат субвенции за киноприкажување на европски филмови. Не наидовме на големо разбирање. Најголемо разбирање покажа Центарот за култура во Битола. Во моментов се чини дека се вртиме околу прашањето за кокошката и јајцето- немаме кино сали затоа што нема филмови и немаме филмови затоа што нема кино сали“.
Кој да се справи со „трендот“ на катастрофална посетеност на кината во изминатите години, замрената кино мрежа во земјата, со пиратеријата или со погрешното менаџирање?
Веста за првото 3Д кино што ќе биде отворено есенва во Скопје се појавува во деновите кога Македонија ја тресе скандалот со злоупотребата на над 200 илјади евра европски пари од страна на неколкумина т.н филмски дистрибутери кои парите наменети за дистрибуција на европски филмови ги ставале на своите конта. Дали по сето ова Македонија и натаму ќе ја ужива довербата кај своите европски филмски партнери од кои очекува уште многу поддршка за македонската кинематографија во сите нејзини сегменти. Да се надеваме дека ќе биде така.
Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска
Редактор: Симе Недевски