1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Први резултати на самитот на Г8 во Тојако

Горан Чутаноски8 јули 2008

Лидерите на Групата Г8 на вториот ден од самитот дојдоа до првите поконкретни резултати. Од кругови на делегацијата на домаќините се дознава дека била прифатена целта до 2050. да се намалат на половина штетните гасови.

https://p.dw.com/p/EY5w
Канцеларката Меркел со дел од учесниците на самитот на Групата Г8 во Тојако, ЈапонијаФотографија: AP

Доколку се потврдат информациите од јапонската делегација на самитот во Тојако, тогаш лидерите на осумте најразвиени индустриски нации во светот ќе останат на целите што си ги зацртаа и на претходниот самит во германски Хајлигендам. Германските дипломати претходно најавија дека има шанси да се постигне и подобар договор во врска со заштитата на климата. Пошироката јавност ќе дознае повеќе за конечниот договор по работниот ручек, на кој шефовите на држави и влади треба да се договорат за формулацијата по оваа тема.


Меркел задоволна од досегашните разговори


Германската канцеларка Ангела Меркел, по разговорот со американскиот претседател Џорџ Буш, изрази големо задоволство од напредокот на преговорите во Тојако. Тоа важи како за прашањето на климатските промени, така и за проблемите со растечките цени на нафтата и прехрамбените производи. Таа и колегите од останатите седум земји постигнале договор околу пакетот мерки против натамошната експлозија на цените на нафтата. Меркел при тоа не соопшти никакви детали од спогодбата. Таа и колегите меѓутоа во секој случај изразиле голема загриженост поради порастот на цените на нафтата и прехрамбените производи, бидејќи тоа претставува сериозна закана за глобалниот стопански пораст. За да му се застане на патот на таквиот тренд неопходни се зголемени инвестиции во производството на нафта, како и засилен дијалог меѓу земјите производители и земјите потрошувачи.


Лидерите на Г8 се договорија и да му се спротистават и на притисокот на инфлацијата, а изразија и надеж дека во наредните недели ќе дојде до пробив во преговорите на Светската трговска организација.


Или бензин или храна


Меѓународните хумантарни организации и оние за заштита на човековата околина упатија остри критики на адреса на лидерите на Г8 поради политиката што поттикнува производство на гориво од растително потекло. Засиленото производство на гориво од растенија е една од најважните причини за актуелната криза со растечките цени на прехрамбените производи, порачаа тие. Според нив мора под итно да се запрат сите државни субвенции и даночни олеснувања во САД и во Европа, кои поттикнуваат зголемување на потрошувачката растителни горива, порачаа Гринпис и Светскиот фонд за природа.


И богатите можат да придонесат


Британскиот премиер Гордон Браун посочи и на проблемот со недоволно штедливото однесување на граѓаните во богатите индустриски нации:


„Во Британија цените на лебот, јајцата, млекото се во засилен пораст и тоа се случува во целиот свет и затоа мораме да најдеме глобално решение за таквиот глобален проблем. Секако дека е соодветно да се потсетат граѓаните и во нашите земји дека неекономично се однесуваат со прехрамбените производи. Кај нас се расфрлаат средства во вредност од околу осум британски фунти неделно. Тоа би требало да го измениме.“