1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Први обиди за релаксирање на односите меѓу Русија и Турција

Џенк Башламиш / Симе Недевски3 декември 2012

Сириската криза фрли длабока сенка врз турско-руските односи поради спротивставените ставови на двете страни кон конфликтот. Дали посетата на рускиот претседател Путин на Турција може да ги намали тензиите?

https://p.dw.com/p/16ueV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Односите меѓу Турција и Русија се затегнати од средината на октомври. Тогаш Турција принуди на слетување сириски патнички авион кој полета од Москва. Турските власти се сомневаа дека во авионот се пренесува оружје. Меѓутоа, како што пренесоа турските медиуми, во него се пронајдени само „електрични кабли“. Многумина сепак, сметаат дека Турција на тој начин сакаше да изврши притисок врз Русија која го поддржува режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, додека пак Анкара како легитимен претставник на Сирија ја признава сириската опозиција.

Важни трговски партнери

Passagierflugzeug Syrien Türkei Waffentransport Russland Flughafen Landung Zwangslandung Stop
Сирискиот патнички авион кој полета од Москва и беше принудно спуштен во ТурцијаФотографија: Getty Images

За време на Студената војна денешна Русија му припаѓаше на Источниот блок, додека Турција беше сојузник на Западот. Борбата за регионална превласт на двете земји започна во 90-те години од минатиот век. Меѓусебната соработка почна полека да се одвива дури откако во 2000 година за претседател на Русија беше избран Владимир Путин.

Денес соработката меѓу Турција и Русија, кои дипломатски врски имаат веќе 500 години, е многу тесна. Годишната трговска размена изнесува 35 милијарди американски долари. Таа размена во 2015 година би требала да се искачи на дури 100 милијарди долари. Турција по Германија е најголем руски трговски партнер. Турција годишно купува 30 милијарди кубни метри руски гас. Со тоа количество Русија покрива 60 проценти од турските енергетски потреби. Првата турска нуклеарна централа ја изгради токму Русија. Во 2011 година Турција ја посетија 4 милиони руски туристи.

Крај на хармонијата

Хармонијата во руско-турските односи траеше до пред 20 месеци. Тогаш билатералните врски беа засенети од сирискиот конфликт. Турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу во јули годинава побара од меѓународната заедница да изврши притисок врз помагачите на сирискиот режим и да ги изолира. Индиректно тоа се однесуваше и на Русија. Затегнатоста беше зголемена со одлуката на НАТО по должина на турско-сириската граница да го постави современиот анти-ракетен систем - Патриот. Рускиот аналитичар Станислав Тарасов во интервју за „Гласот на Русија“ изјави: „Ракетите Патриот доаѓаат од НАТО, што значи дека и Алијансата сега е директно вклучена во конфликтот.“

Erdogan und Putin Treffen in Moskau
Фотографија: REUTERS

Русија за Турција е повеќе од само голем економски партнер и снабдувач со енергија. Анкара во Москва гледа стратешки партнер во регионот. Без оглед на разликите во ставовите, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, вели дека Русија и натаму го држи „клучот“ за решавање на сириската криза, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“, кој се печати на англиски јазик.

Веројатно најдобар опис на односите меѓу двете земји дава Ерман Илчак, директор на градежниот гигант „Ренесанс“, кој работи во двете земји. Во интервју за весникот „Милијет“ тој изјави дека односот меѓу Москва и Анкара е сличен на „католички брак“, кој ниту еден од партнерите не може да го напушти.