1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Први консеквенци по изборите

4 јуни 2008

Победничката коалиција „За подобра Македонија“ размислува за состав на влада, а во опозицијата први последици од неуспехот: оставка на лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска. Можни ли се промени и во други партии?

https://p.dw.com/p/ECKn
Прозивка за одговорност за инцидентите на изборитеФотографија: picture-alliance / dpa

По фијаското на предвремените парламентарни избори (01.06.2008), опозицијата останува и без водач, лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска се повлекува по само една година на функцијата.

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien
Радмила Шеќеринска поднесе оставкаФотографија: Petar Stojanovski

„Ако партијата доживее пораз, некој мора да ја понесе одговорноста, сметам дека е најдобро тоа да биде првиот човек, а не да остави партијата да се мачи. Мојата и кариерата на поединци не може да биде поважна од успехот на СДСМ на следните избори“ изјави синоќа Шеќеринска. Со истата логика таа пред две години успеа во барањето и смената на својот претходник Владо Бучковски. Тој во 2006 година исто така ги изгуби парламентарните избори против ВМРО ДПМНЕ и нивниот претседател Никола Груевски.

Ќе следат ли промени и во други партии?

Неизвесно е дали бранот промени ќе зафати и други партии- НСДП на чие чело е Тито Петковски, Либералната на Стојан Андов и партиите од албанскиот блок - ДУИ и ДПА.

По изборните насилства,меѓународните дипломати во Скопје се во офанзива- челниците на ДПА и ДУИ да се повлечат како морален чин по инцидентите на гласачките места. На денот на гласањето се пукаше од Калашникови, се палеа гласачки кутии, се фалсификуваа избирачки документи. Раководствата на ДУИ и ДПА меѓусебно се обвинуваат за инциденти и нерегуларности на изборите. Дипломатите имаат забелешки до МВР за партизираната полиција, која немо ги гледала изборните насилништва и манипулации. Оваа критика практично е адресирана и до владата, како индиректен организатор на изборите.