1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Први апсења по уривањето на фабриката во Бангладеш

Кај Кистнер /дв/ Е.М. Фиданоска27 април 2013

По уривањето на фабриката во Бангладеш, полицијата упаси двајца менаџери и двајца инженери. Тие се соочени со обвинение за убиство без предумисла. Во меѓувреме, бројот на загинати во несреќата се искачи на 340.

https://p.dw.com/p/18OFr
Фотографија: Reuters

Премиерката на Бангладеш само што најави дека одговорните ќе се соочат со правдата, а веќе се уапсени четири лица. Според полициски наводи, станува збор за двајца мажи кои управувале со текстилната фабрика во објектот што се урна пред неколку дена, како и двајца инженери. Во времето на уривањето на објектот во зградата имало околу 3000 луѓе. Како исчезнати се‘ уште се водат околу 900 лица, па се стравува дека бројот на загинати и натаму ќе се зголемува.

Во Бангладеш, во меѓувреме, се појави филмски материјал од осумкатната зграда кој датира од средата. На него се гледаат пукнатини на ѕидовите и во бетонот на подот и прикажано е како полицајци ги набљудуваат оштетувањата. За критичарите е јасно - најстрашната несреќа во историјата на индустријата во земјата можела да биде спречена. Но, одговорните не ги послушале предупредувањата да го испразнат објектот.

Bangladesch Rana Plaza Einsturz 27.04.2013
Роднини на луѓето кои се водат како исчезнати со нивни фотографии в раце чекаат во околината на урнатата зградаФотографија: MUNIR UZ ZAMAN/AFP/Getty Images

Очајот не може да се опише со зборови. Се‘ уште стотици луѓе се водат како исчезнати. Семејствата со фотографии на исчезнатите се во близина на местото на несреќата и на колена ги молат спасителите да трагаат и натаму: „Си ја сакам сестра ми назад, жива или мртва, ве молам помогнете ми“, моли една жена.

Спас по три дена

По уривањето на зградата спасувачите и натаму прават напори да најдат преживеани под урнатините. И се случуваат и чуда - иако катастрофата се случи во средата, беа спасени повеќемина. Екипите за спасување се обидуваат преку дупките во остатоците од објектот да ги снабдат со вода и кислород луѓето кои се затрупани. Трка со времето.

Bangladesch Tote bei Einsturz von Textilfabrik 24.04.2013
Спасени се повеќеминаФотографија: imago/Xinhua

Со тагата се‘ повеќе се меша и бес. Илјадници текстилни работници вчера (26.04) излегоа на протести во главниот град Дака. Некои беа вооружени со палки и камења. Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми за да ги растера. Она што ги поврзува мирните и насилните демомнстранти е лутината поради тоа што нема безбедност на работното место. Бесот кон сопствениците на фабрики е огромен, но тој е насочен и против земјите кои вршат нарачки. Демонстрантите бараат казна за сите што се одговорни за катастрофата.

Bangladesch Rana Plaza Einsturz Demos 26.04.2013
Демонстрантите се бесни и очајниФотографија: STRDEL/AFP/Getty Images

Бангладеш е втор по големина извозник на текстил во светот. Шеесет проценти од пратките одат за Европа. Не е првпат да се слушаат барања и западните земји кои нарачуваат текстил од Бангладеш да внимаваат на безбедносните услови во фабриките. Во ноември минатата година, во пожар во една фабрика во Дака, загинаа повеќе од 100 луѓе. Секогаш по вакви несреќи има многу дискусии и ветувања, но во основа не се менува ништо, нагласуваат критичарите.