Првиот македонски суперкомпјутер
20 декември 2010Со овој систем Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле “ ја внесува Македонија во трката за создавање на компјутери со супервисоки перформанси. Во трката за Формула 1 влегуваме со Фиќо, но тоа уникатно подготвено Фиќо ќе ни даде искуство наскоро да направиме супербрз болид , вели асистентот Атанас Христов кој беше дел од тимот: „Компјутерот е нов кај нас. Ние не можеме да се споредуваме со компјутерите кои се употребуваат во САД, Европа и Кина.Но претставува чекор напред во оваа област. Ова е прв систем во Македонија. “
Со малку пари – револуционер проект од ИТ технологијата
Суперкомпјутерот е направен со многу мал буџет за разлика од конструираните ни открива Христов:„ За разлика од светските суперкомпјутери коишто чинат и по неколку милиони евра, овој компјутер чини само петнаесет илјади евра. Деловите коишто се употребувани во изработката може да се најдат во било која продавница за компјутери. “
Јасна Тренгоска е студент на втора година и беше меѓу петте избрани студенти кои за неполни пет месеци го создадоа македонскиот суперкомпјутер: „ Не ни сонував дека еден ден ќе работам на еден ваков проект и дека за толку кусо време ние студентите ќе се обучиме до тоа ниво да стекнеме знаења во една ретка област која посебно во Македонија не е се‘уште развиена , како што е паралелното програмирање.“ Кадрите кои ќе се профилираат за паралелно програмирање во светот се добро платени и барани, а во Македонија се реткост.
Моќта на компјутерот е три трилиони операции во секунда
Студентот Рахим Исмаилоски сликовито ни ја откри моќноста на суперкомпјутерот: „ Компјутерот ја има моќта од 3 терафлопи, значи три трилиони операции во секунда. Тоа би значело во една секунда дури 500 пати да се преборјат сите жители на земјата . “
Штом се обелодени дека е создаден суперкомпјутер и во Македонија во јавноста имаше поделени мислења, вели Јасна: „Досега имаме поддршка од колегите од Универзитетот, но и од останатите универзитети во Македонија , а и од повеќе фирми на кои ние би им ги понудиле нашите услуги или можноста да го користат суперкомпјутерот за нивни потреби. “
Многу процеси ќе бидат олеснети со помош на суперкомпјутерот
Суперкомпјутерот би имал широка примена, на пример во метеорологијата, додава Христов : „ За следење на временските промени, како се движат ветровите, снеговите и слично. На пример за следниот попис за обработка на информации од различни градови. И доколку се пуштат на обработка на обичен компјутер би одзело неколку недели , а можеби и еден месец. Ако тие податоци ги пуштиме да се обработуваат на суперкомпјутерот тоа би одзело неколку часа или еден ден .“
Супер компјутерот е базиран на кластер технологија со вкупно 48 компјутери и еден сервер или вкупно 250 компјутерски јадра. Освен што е брз е и економичен, во иднина студентите сами би го одржувале. Во 2011 година е планирано да се додадат поголем број графички процесори со најниска цена кои ќе ја зголемат брзината на системот за шест пати.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Жана Ацеска