1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот голем тест во Ајова

3 јануари 2012

Првата битка во американската претседателска трка започнува денеска во сојузната држава Ајова, каде предизборен собир одржуваат опозициските Републиканци. Никогаш немало толку голем број кандидати и толку мал избор.

https://p.dw.com/p/13cy6
Рик СанторумФотографија: dapd

Експертите се согласни дека никогаш досега немало поголем број кандидати, но без ниту еден јасен фаворит во трката. На почетокот на декември тоа беше Њут Гингрич, кој самоуверено изјавуваше дека тој ќе биде републиканскиот противкандидат на Обама. Но, по првичното водство на анкетите, поради што се најде под жестоки напади од опонентите, Гингрич ја загуби поддршката.

Гингрич во најголем дел сметаше на поддршката на конзервативните струи во Републиканската партија, а во меѓувреме неговата улога ја презеде Рин Санторум. И тој сега се надева дека поддршката од евангелистите ќе му донесе клучна предност во однос на ривалите. А тие се многубројни.

Ромни главен фаворит

Во прв ред, главен фаворит на предизборната конвенција во Ајова е Мит Ромни, поранешен гувернер на Масачусетс, кој се смета за припадник на либералното крило. Досегашните анкети покажуваат дека Ромни би имал и најмногу шанси во евентуалниот дуел против актуелниот претседател Барак Обама на изборите во ноември. Но Ромни е мормон, и тоа се смета за хендикеп кај претежно протестантското гласачко тело на републиканците. Богатиот бизнисмен на двапати веќе ја започнуваше трката за претседателски кандидат и на двапати беше поразен, меѓу другото и поради тоа што како гувернер на Масачусетс вовел реформи во здравствената заштита, многу слични на оние кои ги воведе Обама како претседател. Тој негов потег се смета за смртен грев кај конзервативните републиканци.

USA Präsidentschaftswahlen Vorwahlen Republikaner Newt Gingrich
Њут ГингричФотографија: dapd

За трет фаворит, барем според досегашните анкети, важи Рон Пол, конгресмен од Тексас. Многумина го сметаат за егзотичен кандидат кој нема големи шанси, но со своите настапи овој либертаријанец покажа дека може да се добие поддршка и надвор од политичкиот мејнстрим на републиканците. Имено, Пол се залага за нова американската надворешна политика, без интервенционизам и повлекување на американските војници од Кореја, Јапонија и Европа. Тој бара и укинување на санкциите кон Куба, и повлекување на земјата од ОН и НАТО. Поради ваквите ставови 76-годишникот беше жестоко критикуван, но сепак успеа да пронајде поддршка во базата, пред се поради неговото противење на абортусот и фискалниот конзервативизам.

Кај Демократите се’ е јасно

Меѓу останатите кандидати во анкетите се врти и името на актуелниот гувернер на Тексас Рик Пери.

Гласањето во Ајова се смета за важен тест за расположението на гласачите во пресрет на предизборните конвенции во другите, поголеми американски сојузни држави. Притоа треба да се напомене дека исходот во оваа држава не секогаш е и прецизно мерило за довербата во кандидатите. Имено, републиканскиот кандидат на изборите во 2008-та, Џон МекКејн на предизборниот состанок во Ајова таа година заврши дури на четвртото место.

USA Präsidentschaftswahlen Vorwahlen Republikaner Ron Paul Schild
Фотографија: dapd

Номинацијата за претседателските избори ќе биде конечно одределена на републиканска национална конвенција на 27 август во Тампа на Флорида.

Паралелно Демократската партија бира кандидат за претседател, но тие избори се формални бидејќи актуелниот претседател Барак Обама се смета за неоспорен внатрепартиски фаворит.

Автор: Кристина Бергман/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска