1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првенството во фудбалската Бунндеслига донесе неколку рекорди

28 мај 2004
https://p.dw.com/p/AenR
Аилтон му се радува на еден од своите голови
Аилтон му се радува на еден од своите головиФотографија: AP

Бундеслигата во 41-та сезона беше попопуларна од кога било досега: поставен е рекорд во посетата со 11 466 000 гледачи на 306-те средби, еден милион повеќе отколку лани. 414-те илјади гледачи во 31-то коло, или просек од 46 илјади по натпревар, е исто така рекордна вредност за една првенствена рунда. Третиот првенствен рекорд во изминатото првенство го постави голманот на Штутгарт Тимо Хилдебранд кој 884 минути, речиси цели 10 натпревари последовно, не прими гол. На Хилдебранд и неговите колеги-голмани не им беше лесно: ефикасноста на стрелците е една од карактеристиките на првенството и можеби одговор за причините за рекордната посета. 909 постигнати голови значат 88 задоволства повеќе од лани и за стрелците, како и за публиката -за прв пат по седум години е “прескокната” границата од 900 голови во едно првенство. Крал на стрелците беше Бразилецот Аилтон, чии 28 голови одиграа веројатно пресудна улога за Вердер во освојувањето на титулата. Тоа е најдобар голгетерски биланс за последните 23 години – во првенството 1980/81-ва Карл-Ханјц Румениге, сегашниот претседател на Баерн од Минхен, постигна 29 голови. Рој Макај, вториот најдобар стрелец во изминатото првенство, заостана за 5 голови зад Аилтон Гонсалвеш да Силва, миленикот на публиката во Бремен.

“Да, јас сум среќен. Со Вердер Бремен имавме супер сезона, секогаш добра атмосфера во Везер-стадионот. Се‘ е во најдобар ред” – вели Аилтон.

А, и како би можело да биде поинаку?! Во својата земја тој никогаш не беше ѕвезда. Со години синот на сиромашен земјоделец талкаше од еден до друг провинциски клуб. Во 1996-та година му беше пронајден ангажман во Мексико, една година подоцна во Бремен. Но, со тогашниот тренер Феликс Магат никао не се најдоа “на исти бранови”. Аилтон повеќе време беше на трибините – на теренот немаше место за него. Дури со доаѓањето на Томас Шааф за тренер беше откриен талентот на напаѓачот кој често пати остава впечаток на летаргичност. “Тој знае дека има класичен инстинкт за гол. Аилтон е, како што се вели, играч на казнениот простор; едоставно еден одличен играч” – вели германскиот селектор Руди Фелер, и самиот некогашен голгетер.

Аилтон во октомври бараше зголемување на платата. Раководството на клубот, веројатно не сметајќи на титулата и приходите што ги носи, го одби тоа. Бразилецот не чекаше долго – за половина час постигна согласност со менаџерот на Шалке Руди Асауер за тригодишен договор. Денес и Аилтон се кае, зашто неговиот нов клуб не обезбеди пласман ни во купот на УЕФА, а камо ли во Лигата на шампионите, каде ќе игра Вердер. По финалето на германскиот куп, за Аилтон нема дилеми: “Одам за Бразил кај моето семејство, кај татко ми и брат ми. Се разбира, прво уште некој ден ќе славам во Бремен и потоа - правец Бразил”.

Од шесте години поминати во Бремен брзиот напаѓач со големо срце го направи родното село како бисер: роднините живеат во нови куќи, отвори работа за нив и за другите жители, а отвори и фудбалско училиште за децата од социјално запоставени семејства.