1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва средба Меркел - Буш

6 јуни 2007

Неколку часа пред официјалниот почеток на самитот на Групата 8, во Хајлигендам се сретнаа германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Џорџ Буш. Разговорите ќе започнат по заедничкиот ручек.

https://p.dw.com/p/Aolc
Меркел и Буш пред почетокот на средбата во ХајлигендамФотографија: AP

Според информации од кругови на двете делегации, притоа главна тема треба да бидат моменталните недоразбирања околу заеднички концепт за заштитата на климата.

Соедиентите Американски Држави, се дознава од истите кругови, се подготвени да му излезат во пресрет на германското претседателство со Европската унија. Впечаток е дека Вашингтон би можел да попушти, ако не повеќе барем за намалување на штетните гасови за 50 проценти до 2050 година, се дознава од една делегација во Хајлигендам. „Сега треба и нашите германски колеги да покажат флексибилност„ изјави висок претставник на американската делегација. Од страна на германската делегација се вели дека канцеларката Меркел до последен момент ќе прави напори да добие согласност од Буш за конкретни проценти на редукација на емисиите на јаглерод-двооксид. Владее умерен оптимизам дека во тоа ќе се успее. Досега САД одбиваа цврсто определени горни граници за намалување на издувните гасови под закрилата на Обедиентите нации. Според Белата куќа, завршниот документ на самитот нема да содржи заеднички цели, на пример околу ограничувањето на покачувањето на темперетурата на максимум два степена или обврзувачки горни граници за јаглерод-двооксидот. Секоја земја мора да постави сопствени цели, изјави во Росток советникот на Буш за еколошки прашања, Џемс Конагтон. Според неговите зборови, американската влада и покрај контроверзите, смета на голем чекор напред во борбата против затоплувањето на климата што ќе биде содржан во документот од 15 страници. За да се договорат конкретни цели, изјави тој, потребно е да се привлечат и земји што се надвор до Групата 8. „Се уште не сме преговарале со Кина, Индија, Бразил, Мексико и Јужна Африка. Додека не се сите на маса и нема согласност од сите, нема да има ниту заеднички цели„, рече Конагтон.

Инаку, пред почетокот на самитот, американскиот претседател Џорџ Буш покажа нагласено спокојство во врска со руските закани со оглед на планираниот американски ракетен штит во Источна Европа. Претседателот на Русија, Владимир Путин кој ќе има билатерална средба со Буш за време на самитот, предупреди дека неговата земја повторно ќе ги насочи своите ракети кон Европа, до колку Вашингтон ги продолжи плановите за поставување на штитот во Чешка и Полска. „Русија нема да ја нападне Европа„, изјави денеска Буш. „Таа не е непријател, ниту закана„. На прашањето дали неговата средба со Путин може да биде затегната, Буш одговори:„Можно е, но јас не верувам„.