1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првата средба на Николиќ и Јахјага - конструктивна

ЕМФ/бета7 февруари 2013

Српскиот претседател Томислав Николиќ и претседателката на Косово Атифете Јахјага се за продолжување на дијалогот на Белград и Приштина, соопшти Високиот претставник на ЕУ Кетрин Ештон по средбата во Брисел.

https://p.dw.com/p/17ZxE
Фотографија: DW

Разговорите во Брисел биле „отворени и конструктивни“ се вели во соопштението на шеф-дипломатот на ЕУ Кетрин Ештон. На заедничката средба со Николиќ и Јахјага, која следуваше по одвоените средби на Ештон со двајцата претседатели, се разговарало за тековниот дијалог на премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи.

Според оценката на Ештон, тој дијалог веќе донесол значајни резултати, благодарение на конструктивниот пристап на двете страни.

„Сега се занимаваме со прашањето на северот на Косово и наредните недели ќе бидат критични“, соопшти Ештон.

Tomislav Nikolic
Томислав НиколиќФотографија: Reuters

Српскиот претседател Томислав Николиќ по средбата во Брисел констатираше дека таа „не обезбедила чекор напред кон решавање на најтешката пречка - статусот на Косово“. Тој пред новинарите нагласи дека Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбендосна политика Кетрин Ештон подвлекла оти од Србија не се бара признавање на независноста на Косово, но додаде и дека Јахјага на состанокот била исклучива во ставот оти Косово е независна држава која треба да има добрососедски односи со Србија.

„Состанокот како запознавање можеби беше корисен, но ако не пронајдеме заеднички теми за коишто ќе имаме слични ставови, не гледам како би можеле да се среќаваме“, изјави Николиќ за телевизија Б92. Тој додаде дека средбата во Брисел не била мотивирана од желбата Србија да го признае Косово, туку желбата на Србија за смирување на страстите и за разговор и желбата да има мир на Балканот.

Afitete Jahjaga
Атифете ЈахјагаФотографија: DW

Според оценката на претседателката на Косово Атифете Јахјага средбата со српскиот претседател во Брисел била „конструктивна средба на претседатели на две суверени и независни држави, со посредство на ЕУ и целосна поддршка на САД“. Состанокот, како што рече Јахјага пред новинарите, имал симболично значење. На прашањето за можна автономија на северот на Косово, Јахјага одговори дека не може да има автономија за северот, ниту воопшто автономија на Косово, затоа што тоа би значело групирање на заедниците по етничка основа. Според претседателката на Косово, иднината на Косово и на Србија е во евроатлантските интеграции. „Разговорите меѓу претставниците на двете земји се единствен начин за решение на сите проблеми во односите“, нагласи Јахјага.

Околу тоа дали ќе има нови средби на двајцата претседатели, вчеравечер (06.02) во Брисел се изјасни Томислав Николиќ.

„Ако би требало да се работи оперативно, би морало да најдеме заеднички теми, а ако само повторуваме ставови, тогаш може и тоа. Северна и Јужна Кореја со години се среќаваа за да кажат ’добар ден’, но тоа не е пат, губиме драгоцено време, а нормалниот свет не може да не‘ чека долго“, рече Николиќ.