1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците одбија декриминализација на клеветата

11 јануари 2012

Во македонското Собрание беше отфрлена иницијативата на опозицијата за декриминализација на клеветата. Власта смета дека треба да се почека исходот од дијалогот Влада-ЗНМ.

https://p.dw.com/p/13haH
Фотографија: Petr Stojanovski

Македонското Собрание го оцени како неприфатлив Предлог законот за изменување на Кривичниот законик, во прво читање, поднесен од пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија.

Со предложените измени се бара декриминализација на кривичните дела клевета и навреда. Со тоа, образложи Величковски, ќе им се излезе пресрет на граѓаните, односно на новинарите и медиумите кои, според него, ќе се ослободат од самоцензура.

Опозициските пратеници во тек на расправата изнесоа поддршка за измените, додека владејачкото мнозинство ги оцени како малку избрзани и предложи да се почека исходот од преговорите на ЗНМ и Владата.

Нема слободно новинарство со закани и казни

Ермира Мехмети-Деваја од ДУИ нема дилема оти законската измена е неопходна, а декриминализацијата на клеветата ќе придонесе за градење демократски амбиент. Сепак, смета таа, ситуацијата треба да се согледа фер и коректно и да се види исходот од преземените иницијативи како што е почнатиот дијалог меѓу Владата и ЗНМ кој, истакна, сега веќе има и дефинирана агенда за работа и се очекуваат резултати.

Mazedonien Presse TV Sender TV A1 in Skopje
Македонските новинари добиваат драконски казни, обвини опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski

Величковски во реплика истакна дека сите кои сметаат оти треба да има декриминализација на клеветата и навредата треба да го поддржат предлогот.

„Нема слободни новинари на кои им виси кривична одговорност за изречена клевета и навреда“, посочи Величковски.

Независниот пратеник Сафет Бишевац во коментар на кривичните пријави против новинарите посочи дека девет завршиле со драконски казни. Со прифаќањето на предлогот за измени на Кривичниот законик, смета тој, ќе се даде јасен сигнал за новинарите дома, но и надвор и кон ЕУ, дека има подготвеност за менување на работите. Исходот од дијалогот меѓу Владата и ЗНМ ќе биде само втор чекор во тој правец, посочи Бишевац.

Власта обвинува за лицемерие

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека опозицијата со пристапот кон законот покажува лицемерен однос и сака само да собере поени, но не и да ги реши вистинските прашања на новинарите. Според него, казните за новинарите биле зголемени во време на СДСМ, кога, како што истакна,со закон имаше можност и за затвор за новинарите,која подоцна во време на ВМРО-ДПМНЕ била отстранета.

Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз побара да се понуди вистинска форма и механизам за заштита на вистината и новинарите.

„Новинари можат да бидат само тие со високи морални квалитети кои се залагаат за професионални стандарди и кои мора да жртвуваат се’ во име на објавување на вистината. Секогаш ќе бидам на страна на таквите новинари, но и против оние кои континуирано го газат достоинството на граѓаните и за тоа „дебело“ наплаќаат и нема механизам да се заштити вистината. Овие работи се многу сложени и треба да се дојде до вистинска форма за заштита на вистината“, рече Трајанов.

Од Здружението на новинарите на Македонија ја поздравија дебатата во Собранието за потребата за декриминализација на клеветата и навредата и изразија надеж дека таа ќе биде поттик во дијалогот со Владата да се изнајде конечно решение за тоа прашање.

Автор: БГ/миа

Редактор: Е.М. Фиданоска