1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празник на македонската револуционерна борба

23 октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба денеска упати честитка до граѓаните.

https://p.dw.com/p/12xEg
Македонскиот претседател Ѓорѓе ИвановФотографија: DW

„Денешниот празник, Денот на македонската револуционерна борба, го одбележуваме на 20 - годишнината од исполнувањето на целта почната во Солун 1893 година, со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација. Денеска го одбележуваме споменот на еден исклучително важен чекор на патот кон формирањето на модерната македонска држава“, наведува во честитката шефот на државата.

На 23 октомври група видни и истакнати Македонци дадоа збор дека ќе ја поведат татковината по патот на другите европски народи, дека ќе го искористат најпозитивното од револуциите и движењата кои ја менуваат Европа, со цел да изградат напредна и почитувана македонска држава.

Brücke über Vardar Fluss in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

„Патот на кој нe поведоа шесттемина основачи на ВМРО не беше ниту лесен, ниту брз. Тој пат е омеѓен со големиот број лични жртви и национални трагедии кои македонскиот народ ги претрпе. Сe’ уште не можеме да кажеме дека во целост сме пристигнати до крајот на патот. Македонија денеска е независна и слободна држава, но сe’ уште мораме да чекориме напред до заземањето на полноправното и рамноправно место покрај другите европски држави“, се вели во честитката.

Притоа, додава Иванов, можеме да бидеме горди што борбата за слобода и независност на македонскиот народ е испреплетена со почитувањето на највисоките принципи и идеали на демократијата. „Македонската револуционерна борба во своите врвни документи и во сите свои постапки ја внесува почитта кон своите соседи и сограѓани од сите религии и етнички заедници. Македонија е уникатен пример на Балканот, кога борбата за слобода од самиот почеток се поврзува со слободата на сите луѓе кои живеат во Македонија“, се наведува во честитката што претседателот Иванов ја упати до граѓаните по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Автор: ГЧ/ЖА/миа

Редактор: Ж. Ацеска