1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Право на среќно детство

20 ноември 2009

Македонија е потписник на Конвенцијата за детето, чиј јубилеј се одбележува денеска, од 1993 година. И покрај тоа, околу 20 000 деца се исклучени од образовниот процес, а 2000 деца се препуштени на улицата.

https://p.dw.com/p/KbdT
Фотографија: AP

Дваесет и деветгодишна мајка на четири малолетни деца секојдневно питачи на скопските улици. Нејзините два сина, на возраст од 11 и 13 години, се зависници од хероин. Шестгодишната ќерка, пак, е навлечена на вдишување лепило. Место да бидат згрижени во институција, која ќе им даде соодветна помош, децата секојдневно лутаат низ градот оставени на милост и немилост на улицата. Оваа потресна животна приказна за децата на една Скопјанка објавена на насловната интернет страница на Првата детска амбасада „Меѓаши“ ја отсликува состојбата со децата од маргините на македонското општество. Се разбира има уште пострашни примери од кои не може да се изведува генералниот заклучок за правата на децата во Македонија, меѓутоа сепак вкупната оценка не е задоволителна.

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
Колку децата во Македонија ги знаат своите праваФотографија: Petr Stojanovski

Децата не се почитуваат

“Генерална оценка е дека правата на децата не се почитуваат и тоа од оние кои се заветиле дека во најдобар интерес на децата ќе се стават во максимална функција за нивна заштита и безбедност и ги потпишале сите меѓународни конвенции“, вели за Дојче веле Драги Змијанац од „Меѓаши“.

Најновото истражување, чии резултати се објавени синоќа, во пресрет на Меѓународниот ден на детето, ја потврдува оценката на Змијанац.

Повеќе од 70 проценти од децата на школска возраст не ги познаваат своите права, а останатите знаат дека имаат права, но немаат подетални информации за нив. Децата и кога ќе идентификуваат дека некое нивно право е повредено не знаат каде да се обратат за да го заштитат тоа свое право. Во Македонија се зачестени кампањите за правата на децата. Во една скопска градинка воспитувачката објаснува. “Децата имаат право да живеат секој ден, не е само оваа недела посветена на нив, меѓутоа кампањата е убав начин да се потсетиме дека нашата иднина се децата и дека треба да им овозможиме се што можеме. Тие имаат право на свој живот, на своја среќа“.

Kinderhandel in der EU
Питачење, честа сликаФотографија: picture-alliance/ dpa

Насилството е присутно насекаде

Генерален заклучок е дека насилството е насекаде присутно во енормно висок процент (во семејството, училиштето, улицата, меѓу врсниците). Повеќето случаи на насилство остануваат невидливи затоа што децата се плашат да зборуваат за тоа. На прашањето Дали во твоето училиште се случува насилство? - дури 56 проценти од учениците одговориле потврдно, а 14 проценти од нив одговориле дека тоа насилство се случува секојдневно.

21 процент од децата се изјасниле дека се соочуваат со насилство во нивното семејство. Надлежните во министерството за труд и социјала тврдат дека класична злоупотреба на детскиот труд во Македонија нема, но голем проблем е питачењето на кое секојдневно се прунудени цела армија од 2000 деца.


“Имаме одреден вид на експлоатација, тоа се децата на улица, односно децата кои се наведени на питачење. За нив често пати реагира Центарот за социјални работи преку шелтер-центарот надлежен за згрижување на децата од улица“, вели Марјан Тодоровски од министерството за труд и социјала.

Македонија е потписник на Конвенцијата, чиј јубилеј се одбележува денеска, од 1993. И покрај тоа, околу 20 000 деца се исклучени од образовниот процес, 2000 деца се препуштени на улицата, а не се во опаѓање ниту разните форми на злоупотреба на детето.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска