1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Православните денеска го слават Божик

7 јануари 2010

Православните христијански верници денеска го слават Христовото раѓање-Божик, најголемиот христијански празник. Македонија и годинава Божик го слави според стариот, Јулијански календар.

https://p.dw.com/p/LMxX
Фотографија: MIA

Божик е. Македонските православни христијани го празнуваат најголемиот христијански празник-раѓањето Христово.

Од изутрина во сите православни храмови на МПЦ се служат утринските божикни литургии. Илјадници верници доаѓаат да запалат свеќа за Исусовото раѓање и да се помолат за здравје, мир и среќа меѓу луѓето, а најмногу за најблиските.

„Божикот, како наш христијански празник, претставува настан кој нашиот народ навистина со нетрпение и радост со векови го пречекува на посебен начин, со што му оддава вистинско поклонување на раѓањето на господ Исус Христос“, вели прота Коста Станоевски од Соборниот храм во Скопје.

Неговиот колега, прота Стојко Ристовски од црквата Пресвета Богородица, пак во божикната проповед истакна:

„Денеска насекаде православните кои го слават Христовото раѓање нека влезат во ризата на спасението, ако не се крстени, а тие што се крстени нека повторно влезе Христос преку нив, да ги отворат вратите...“ вели прота Ристовски.

Orthodoxe Weihnachten in Mazedonien
Фотографија: MIA

Божик и денес не го губи значењето

За верниците и во ова динамично и напрегнато време на живеење и преживување, Божик претставува најголемиот и најважниот христијански празник, од кој се очекуваат нови почетоци и нова надеж за подбри и посреќни денови. Празник - повод за семејни собирања, радување и позитивни чувства.

„Ден на кој навистина му се радувам, бидејќи за мене значи ново раѓање. Секоја година на некој свој начин во себе го доживам празникот како да се раѓа нова година, нова надеж, убави чувства...Се чувствувам како нешто повторно да се раѓа во мојата душа...“

Богата трпеза-еден од обичаите

Денеска завршува 40-дневниот пост што кулминираше со синоќешната богата, но посна трпеза за Бадник. Денеска, според традицијата, трпезата повторно е богата, но на неа има многу други поинакви вкусни јадења.

Mazedonien Orthodox Weihnachten
Соборниот храм во СкопјеФотографија: DW

„Може ли Божик без сарма? Не може, без печено месо, не може, без торта и баклава, но најголем благослов е што семејството е заедно, да биде што подолго заедно, да биде радост, среќа и здравје. Имамем дроб сарма, печеме месо и особено правиме пача. Па веројатно ќе славиме како и како сите православни-тивко, со најблиските“, вели еден граѓанин.

Архиепископот на МПЦ, г.г. Стефан во традиционалната Божикна порака им посака на верниците празникот да им донесе духовна радост.

Македонскиот народ знае да прославува и дарува, да се дружи со здравица и песна, рече пред присутните архиепископот на МПЦ - ОА, г.г. Стефан.

„Дај Боже мир и љубов меѓу нашиот народ, повеќе рожби во семејствата, повеќе род во полето, повеќе работа и повеќе радост и меѓу сите луѓе добра волја“, вели г.г. Стефан.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска