1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правната оправданост на убиството на Бин Ладен

5 мај 2011

Американскиот претседател Барак Обама одлучи да не се објавуваат фотографии од убиениот Бин Ладен, ниту слични докази за неговата смрт. Во Германија се дискутира колку е оправдано планираното убиство на терористот.

https://p.dw.com/p/1192N
Правните експерти во Германија критикуваатФотографија: dapd

Експертот за меѓународно право Кристијан Томушат на вториот канал на германската телевизија ја истакна својата критика за таквите планирани убиства:

„Целното убивање значи краток процес. Значи нема гаранции за обвинетиот, т.е за жртвата. Не е јасно дали според меѓународното право планираните убиства се дозволени вон воени услови.“

Исто така и Јоахим Волф, правник и раководител на Институтот за правото за одржување на мирот при Универзитетот во Бохум, смета дека целните убиства се спротивни на меѓународното право. Истото го смета и Рајнхард Меркел, професор по кривично право и правна филозофија на Универзитетот во Хамбург:

„Доколку елитните трупи при нападот имале наредба да го ликвидираат по секоја цена, тоа не би било легитимно. Значи како што беше во овој случај.“

Еднакви права за сите злосторници

Afghanistan Terror Osama Bin Laden
Според меѓународното право сите злосторници треба да имаат фер процесФотографија: AP

Приоритет требаше да биде Бин Ладен да биде уапсен, согласни се правниците во Германија. На тој начин водачот на Ал Каеда ќе имаше фер процес, како што е предвидено во секоја правна држава, дури и за масовни убијци и други тешки криминалци.

Од друга страна, пак, додава правниот филозоф Рајнхард Меркел, не треба да се земе предвид само перспективата на кривично гонење, туку и опасноста од водачот на терористичката мрежа Осама бин Ладен, како симбол и финансиер на меѓународниот тероризам. Притоа може да станува збор и за одбрана, смета Рајнхард Меркел:

„Во моментот кога започнува одбраната, целното пукање во главата на Бин Ладен стана полегитимно. Според германското право, во тој случај станува збор за дефензивна одбрана, што е многу блиску до правото на одбрана. Ова е универзален правен принцип, кој важи во сите правни култури. Значи, како што велат САД за случајот, убиството на Бин Ладен не е само поради извршување одмазда или задоволување на правдата за она што го сторил во минатото.“

САД зборуваат за воена операција

Afghanistan / US-Soldat / USA
САД велат дека нивната операција е оправданаФотографија: AP

САД ја дефинираат операцијата како воена операција. Во тој случај важи военото меѓународно право, според кое членови на завојуваните страни можат да бидат убиени во која било ситуација. Притоа, неспорно е дека во воените дејства покрај држави може да учествуваат и организирани групи, како на пример граѓански воени партии. Но, спорно е дали тука спаѓа и Ал Каеда, пред се‘ поради тоа што оваа терористичка организација веќе не е толку добро организирана како пред неколку години.

Ситуацијата во Либија е поинаква. Моамер Гадафи е шеф на држава, и за него важи без сомнение меѓународното право. Според меѓународното право, убиството на еден претседател од трета страна не е оправдано.

Автор: Дафне Гратвол / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска