1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По „леденото доба“ во екумената, се чини дека Ватикан сега сигнализира затоплување

20 август 2005

Папата Бенедикт 16-ти синоќа се состана со претставници на другите христијански конфесии и притоа повика на поголеми напори во екумената. Папата покани на ручек и мала група од учесниците на Светскиот собир на католичката младина. Денеска аудиенција за канцеларот Шредер и други водечки политичари.

https://p.dw.com/p/AcDD
Размена на подароци во синагогата во Келн: собирот на малдите Папата го искористи за средби со претставници на други конфесии
Размена на подароци во синагогата во Келн: собирот на малдите Папата го искористи за средби со претставници на други конфесииФотографија: dpa

Расцепот во христијанството е во контраст со волјата Христова, рекол Папата на едночасовната средба зад затворена врата со 30 претставници на православни и протестантски цркви. Претседателот на Советот на Евангелистичката црква во Германија Волфганг Хубер, кој се залага за чесен дијалог меѓу протестантите и католиците, по средбата оцени: „Она што досега можеме да го осознаеме, е дека Папата Бенедикт 16-ти единството на Црквите го прогласи за приоритет на својот понтификат, и тој тоа денес уште еднаш нагласено го потврди“. На разговорот не станало збор за за тешките теолошки прашања и разлики меѓу католичката и евангелистичката црква, ниту е нешто конкретно договорено. Сепак, Волфганг Хубер со видливо олеснување од средбата пренесе: „Тој притоа изрично рече – и тоа заслужува да се зачува – дека станува збор за единство во разноликоста. Ток изрично подвлече, мислам и надвор од подготвениот пишан текст, дека не зборува за таканаречената ’повратна екумена‘ и тоа беа важни и централни искази“.

Претходно Папата во рамките на залагањето за меѓурелигиозен дијалог, ја посети синагогата во Келн, при што им оддаде почит на жртвите на холокаустот и повика на подобро меѓусебно запознавање на Евреите и христијаните и на нивни заеднички напори за создавање подобар свет.

Папата вчера покани на ручек и разговор 12-мина млади, избрани меѓу учесниците на Светскиот собир на католичката младина, кои имаа шанса да водат речиси приватен разговор со поглаварот на католичката црква. Александар од Словенија беше воодушевен што Папата, и покрај густата програма, најде време и за средба со младите: „Би сакал уште еднаш да нагласам дека и мене многу ме импресионира што речиси би можело да се каже оти тој беше Папа што сака да сослуша. Ако погледаме каква политичка програма имаше да реализира денеска, тогаш го сметам за многу впечатливо што одвои време и за нас. Тој навистина сака во подробност да му пријде секому, на сите и на се’“.

Денеска Папата ќе води разговори со германскиот канцелар Герхард Шредер, со претседателот на Бундестагот Волфганг Тирзе, со шефот на демохристијанската опозиција Ангела Меркел, како и со покраинскиот премиер на Северна Рајна Вестфалија Јирген Ритгерс.

Вечер Папата ќе има ноќна молитва со стотици илјади учесници на Светскиот собир на католичката младина на една ливада кај Келн. Младите уште од претпладнето се упатуваат кон ливадата со површина од 300 хектари, каде и ќе преноќат во очекување на утрешната завршна миса, што ќе ја целебрира лично поглаварот на католичката црква. Утре се очекува присуство на еден милион луѓе.