1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По европски стапки

Ридигер Паулерт15 октомври 2008

Американскиот претседател Џорџ Буш најави дека владата ќе намени 250 милијарди за откуп на акции од најважните финансиски институти, а ќе дава и гаранции за меѓусебното кредитирање на банките,мерка слична на европските

https://p.dw.com/p/FZYm
Американскиот конгресФотографија: AP

Мерките од американскиот пакет од 700 милијарди долари за спасување на финансискиот сектор добиваат контури. И Американците ќе откупуваат акции на приватните банки и ќе даваат гаранции за кредити, следејќи го европскиот пример. Во изјавата со која ги објави мерките, претседателот Буш изрично ги пофали Европејците: „Тоа беа мудри и навремени мерки, кои целосно ќе бидат поддржани од Соединетите Држави“.

Големите банки ќе добијат големи пари

Сите американски банки се вклучени во програмата за помош, но големите имиња ќе добијат и големи пари: Сити-груп, Уелс Фарго и Џеј-Пи Морган Чејс по 25 милијарди, Бенк оф Америка - 20 милијарди долари. „Улогата на владата ќе остане ограничена, а мерките не се спроведуваат за да се укине, туку за да се спаси пазарното стопанство“, нагласи Буш.

Планот уште предвидува еден вид осигурување за кредитите за малите и средни претпријатија. Со сите мерки од планот треба повторно да се воспостави доверба и да се поттикне кредитирањето меѓу банките и стопанството, за претпријатијата повторно да можат да купуваат стоки и да даваат плати. И националната банка е подготвена, ако е нужно, да продава краткотрајни хартии од вредност.

USA Finanzminister Henry Paulson
Американскиот министер за финансии, Хенри ПаулсонФотографија: AP

Не се зафаќа коренот на злото

„Овие потези се нешто што никогаш не сакавме да го направиме, но моравме да го сториме за да ја вратиме довербата во нашиот финансиски систем“, рече министерот за финансии, Хенри Полсон.

Со програмата против финансиската криза, Американците не се зафаќаат со корените на злото. Досега не се обработени многу мали дубиозни хипотекарни кредити, често пати поврзани во големи пакети, кои ги доведоа во опасност дури и европските банки. Можеби преостанатите 350 милијарди ќе бидат наменети за тоа.