1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува процесот против германската терористичка група на Ал Каеда

Волфганг Дик/ Александра Трајковска25 јули 2012

Четворица мажи подготвувале голем бомбашки напад во Германија - по налог на Ал Каеда. Но пред да го извршат делото, тие беа уапсени. Денеска почна процесот против нив.

https://p.dw.com/p/15eMN
Фотографија: dapd

Сенатот за државна заштита при покраинскиот суд во Диселдорф на 30 рочишта ќе се обиде да го разјасни она што можеше да стане еден од најлошите терористички атентати во Германија. Едно од најважните прашања е: колку навистина бил близок контактот со Ал Каеда? Уапсените осомничени може да сметаат на долгогодишни затворски казни. Признанија, кои судот може да ги признае за релевантни, нема. Но, затоа истрагата собра документи, вкупно 260 орднери, а обвинението опфаќа повеќе од 500 страници.

Главното обвинение гласи: формирање на терористичко здружение и подготовка на убиство. Обвинети се четворица мажи на возраст меѓу 21 и 32 години. Пресудата се очекува да биде донесена во ноември.

„Диселдорфската терористичка ќелија“

Мароканецот Абделадим Ел-К. се смета за водач на групата. Тој во Германија дојде во 2001. година и во Бохум студираше мехатроника. Се претпоставува дека во 2010. година бил во камп за обука на Ал Каеда во Вазиристан - Пакистан, потоа за своите терористички планови побарал соучесници во Германија. Во Диселдорф најде тројца сојузници. Германскиот Иранец, Амид Ц., кој пред една година се обиде да полага матура, Халил С., кој студираше машинство во Бохум и Германецот со мароканско потекло Јамил С., електричар по професија. Сите, се’ до нивното апсење, водеа неупадлив живот во Германија.

Düsseldorf Festnahme Al-Kaida Mitglieder
Истражните органи реагираа навремеФотографија: picture-alliance/dpa

Според проценка на Ролф Топхофен, раководител на Институтот за истражување на тероризмот од Есен, групата во Германија не била добро поврзана со другите исламистички екстремисти. Но тој оценува дека оваа група е опасна пред се’ поради контактите со највисоките претставници од Ал Каеда. Ваков контакт во Германија досега немало. Според досегашната истрага на германската криминалистичка служба, налогодавачи на „Диселдорфската ќелија“ биле Атијаталах ал Либи како и Јунус ал Мауретани. Либи во меѓувреме погина при ракетен напад, а Јунус е уапсен во Пакистан.

Апсења по акција на прислушување

Специјална единица на криминалистичката служба во април мината година презеде акција. Кога биле уапсени членовите на „Диселдорфската ќелија“ во бањата во двособниот апартман во Диселдорф се’ уште се вареле запалки за скара. Од тоа осомничените сакале да добијат Хексамин како каписла за експлозив. Запалките за скара кои се продаваат во супермаркет содржат парафин, несоодветен за правење бомба без негова преработка. Наводно рецептот за производство на бомба потекнувал од камп за обука на Ал Каеда. Обвинетиот Абделадим Ел-К. таму го запишал и го донел.

Овие докази ги собраа службеници на германската криминалистичка служба. Тие ги пробија компјутерите на осомничените лица и ги читаа нивните мејлови. Со недели истражните органи ги прислушуваа разговорите во станот во Диселдорф. Тоа не секогаш било едноставно, оти осомничените или го пуштале телевизорот многу гласно или ја пуштале машината за перење. За конкретни цели за напад не се зборувало, но кога се рекло дека сакаат сега „да ги заколат кучињата“, службите за безбедност презедоа акција.

Укажувања од ЦИА

Како и при поранешни апсења на лица осомничени за тероризам во Германија клучното укажување за осомничените од Диселдорф стигна од американска тајна служба, која ги прислушувала телефонските разговори во пакистански терористички кампови. Најверојатно германската криминалистичка служба добила укажување од ЦИА. Но и без ваквата врска, експеротот Ролф Топхофен смета дека германските истражни органи се добро опремени, за да можат навреме да спречат напади. Факт е дека можеа да бидат спречени повеќе исламиситички мотивирани напади, а одговорните групации се уапсени.

Sauerland Terror Prozess
Експлозив на групата од ЗауерландФотографија: AP

Во 2007. година тоа беше „Групата од Зауерланд“. Четворица мажи планираа атентати врз аеродроми и американски институции. Во 2006. година случајот со „куфери - бомби“. Во два регионални воза требаше да бидат активирани експлозиви. Поради конструкторска грешка не дојде до експлозија. Во 2004. година членовите на групата „Ансар ал Ислам“, кои сакаа да го убијат тогашниот ирачки премиер Ијад Алави за време на неговата посета на Германија. Во 2002. година приврзаници на терористичката група Ал Тавид, ги лоцираше еврејските институции во Германија како цел за напади.