Почнува нова фудбалска бајка?
26 јуни 2011Во присуство на германскиот претседател Кристијан Вулф, канцеларката Ангела Меркел и челниците на Светската фудбалска асоцијација, денеска (26.06) почнува Светското првенство во фудбал за жени. Спроти отворањето, претседателот на ФИФА Сеп Блатер изјави дека ова светско првенство ќе претставува пресврт во развојот на женскиот фудбал. „Кога во 1995 година реков дека иднината на фудбалот е женска, и самиот не верував во тоа. Сега сум уверен дека ќе гледаме извонреден фудбал“, призна Блатер. Претседателката на Организациониот комитет на првенството Штефи Џонс, изрази надеж дека Германија ќе биде добар домаќин и дека тоа ќе дојде до израз уште денеска, на отворањето на првенството. Тимот на Германија, на Олимпискиот стадион во Берлин, пред повеќе од 70 илјади гледачи за противник ќе ја има репрезентацијата на Канада. Капитенот Биргит Принц, во контекст на очекуваната голема посетеност на натпреварот, што е невообичаена за женскиот фудбал, изјави: „Ова не го доживувам како притисок. Ако играме добро, уверена сум дека ќе биде така, тогаш е многу подобро да се настапи пред повеќе од 70.000 гледачи, отколку само пред 150.“
Германија е актуелен европски и светски првак и по десет недели интензивни подготовки, германските репрезентативки тргнуваат во поход на нова титула. Селекторот на репрезентацијата Силвија Најд, спроти натпреварот е уверена во квалитетите на своите играчи: „Репрезентацијата и тренерскиот штаб се радуваат што првенството конечно ќе почне. Долго работевме и сега сакаме да покажеме што сме тренирале“, изјави Најд.
Светското првенство во фудбал за жени се одржува од 1999 година. Германските репрезентативки досега на двапати ја освојуваа титулата, во 2003 и 2007 година и заедно со САД се најуспешната екипа на овој турнир.
Светското првенство во фудбал за жени ќе трае до 17 јули и се одржува под мотото „Убавата страна на 2011“. Освен во Берлин, натпреварите ќе се играат и во Менхенгладбах, Зинсхајм, Волфсбург, Бохум, Дрезден и Леверкузен. Финалниот натпревар ќе се одигра во Франкфурт.
Автор: АТ/ дв/ сид/ дпа/ бета
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска