1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува мисијата на набљудувачите на изборите

6 мај 2011

Триста меѓународни набљудувачи ќе го следат текот на изборите во Македонија и гласањето на дијаспората. Првата мисија од 12 меѓународни експерти ќе пристигне во Скопје во наредните неколку дена.

https://p.dw.com/p/11AjP

Ќе се следи отворањето на избирачките места, гласањето и резултатите, со посебен акцент врз известувањето во медиумите. „Јас повеќе од вас верувам во фер избори“, изјави водачот на мисијата на ОБСЕ, Џулијан Јејтс на денешната (06.05) прес-конференција во Скопје. Тој додаде дека набљудувачите повеќе нема да се огласуваат во јавност со неделни или дневни коментари, но експерти ќе бидат присутни и во ДИК.

Финалниот извештај за целиот изборен процес ќе биде објавен два месеца по завршувањето на набљудувачката мисија
Финалниот извештај за целиот изборен процес ќе биде објавен два месеца по завршувањето на набљудувачката мисијаФотографија: MIA

„Мисијата ќе ги оценува изборите од аспект на усогласеност со принципите за
демократски изборни процеси, вклучувајќи ги и обврските преземени од страна
на сите држави членки на ОБСЕ, како и националната законска регулатива“,
појасни Јејтс.

Тој додаде дека набљудувачите ќе го анализираат изборното законодавство, работата на изборната администрација и релевантните владини тела, како и имплементацијата на релевантната легислатива, медиумското окружување и решавањето на изборните спорови.

„Овие избор се тест за демократската зрелост и на сите страни коишто се вклучени во процесот. Сите треба да ја исполнат својата улога“, истакна
шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, додавајќи дека има верба во она што
може да го постигна земјата.

Џулијан Јејтс, по шест години, повторно ја предводи набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР
Џулијан Јејтс (д.), по шест години, повторно ја предводи набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХРФотографија: MIA

Изјава за прелиминарните наоди и заклучоци ОБСЕ ќе даде ден по изборите, а финалниот извештај за целиот изборен процес ќе биде објавен два месеца по завршувањето на набљудувачката мисија. ОБСЕ нема да испрати свои набљудувачи на избирачките места во странство, иако, како што рече Јејтс, и следењето на гласањето на дијаспората останува еден од приоритетите на мисијата.

Јејтс, по шест години, повторно ја предводи набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР. Покрај нив, гласањето во Македонија ќе го следи и делегација на Советот на Европа и западни дипломати во Скопје.

Автор: АЧ/макфакс

Редактор: Е.М.Фиданоска