1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнуваат протести против Ромите во Дуизбург

Карин Јегер/Марта Таневска29 август 2013

Со влезот на Бугарија и Романија во Европската унија се повеќе Роми од овие земји доаѓаат во Германија. Градот Дуизбург е посебно погоден од големи проблеми по нивното доаѓање.

https://p.dw.com/p/19YNH
Фотографија: DW/C. Stefanescu

Изгризани кочани пченка, пластични амбалажи и стаклени шишиња расфрлени насекаде лежат пред станбената зграда во Дуизбург, во маалото Рајнхаузен (фотографија). Во воздухот се чувствува тежок мирис на урина, отпад и мувла. И еден стаорец трча од едната страна на дворот до другата каде децата помеѓу ѓубрето играат фудбал. Постари жени со марами на главата и девојчиња седат на балконите и посматраат од сигурна оддалеченост. И балконите се пренатрупани со се` и сешто, облека, теписи, сателитски антени, делови од мебел.... Кабли висат од фасадата на зградата. Струја нема, а жителите на овие „проблематични куќи“ илегално ја „носат“ од околните згради и дворови.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Фотографија: DW/K. Jäger

„Внимавајте каде одите! Немојте да се приближувате до ѕидот од зградата! Може да се случи врз глава да ви падне валкана детска пелена, филџан кафе или што уште не. Луѓето овде се навикнати отпадот да го фрлаат преку балкон или прозорец!“, не‘ предупредува Ролф Карлинг од здружението „Граѓани за граѓани“. На себе има спортска јакна со мостра од белгиска војска. Мострата, како што вели, го штити. „Луѓето овде ги почитуваат униформите“, вели Карлинг. Но и покрај „камуфлажата“ и нему му е денес посебно тешко да помине низ дворот. Од сите страни се слушаат извици: „Одете си! Одете си!“, а мажите не‘ посматраат сомнително. Некои дури покажуваат и среден прст. Луѓето за кои тука станува збор се Роми, а адресата на овие „проблематични згради“ е: Ин ден Пешен 3-5, Дуизбург.

Ниски кирии како мамка за доаѓање

Атмосферата која тука владее, меѓутоа не била отсекогаш ваква. Ситуацијата се влошила откако група на маскирани мажи, жителите на овие згради ги нападнала со метални предмети и притоа користела и солзавец. Подоцна, Ролф Карлинг се обидел да посредува помеѓу „завојуваните“ страни, но неговиот обид не вроди плод. Организирал состанок, средба, но никој од Ромите не се појавил. „Тие не знаат германски“, објасни Карлинг како да се извинува во нивно име. Тој додава, дека никого не би го изненадил нападот од страна на припадниците на десно-радикалната сцена, но напаѓачите биле припадници на екстремната левица, антифашистичката група Антифа.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Колку точно Роми живеат на адресата во Рајнхаузен не знае ни самиот сопственик на зградитеФотографија: DW/K. Jäger

Дуизбург последниве години се‘ повеќе се соочува со проблемот на зголемување на бројот на Ромите. Откако фабриката Круп во овој град ја затвори својата врата, многумина се иселија, што придонесе за намалување на цената на кириите. Тоа пак привлече голем број на нови доселеници од Источна Европа. Во меѓувреме, некои проценки покажуваат оти во Дуизбург живеат помеѓу 7.000 и 8.000 Роми, повеќето од Романија и Бугарија. Но, колку точно живеат на споменатата адреса, не знае ни самиот сопственик на зградите. Карлинг разговарал и со него и оттогаш на зградата се вградени посебни врати за заштита од пожар. „Преку интернет стигнуваа заканувачки пораки за палење на зградата“, вели Карлинг и додава дека ситуацијата во меѓувреме дојде до тој степен што многу жители на Дуизбург се плашат дека и во нивниот град може да се случи истата трагедија како и во Солинген, Рошток и Мулн. Таму припадниците на неонацистичката сцена ги запалија куќите во кои живееја странци при што многумина го изгубија својот живот.

Страв од негативни статии во весници

Ролф Карлинг и другите соработници во здружението (волонтери) секојдневно го обиколуваат ова маало и делат прехранбени производи на тие на кои им се потребни. Меѓу нив се и жителите на „проблематичните куќи“. Но и покрај тоа, што многу веќе го препознаваат, неговото срце чука посилно секогаш кога ќе влезе во дворот. „Ниту една страна во меѓувреме не знае кој е пријател, а кој непријател“, вели Карлинг кој и покрај стравот го продолжува својот пат.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Ролф Карлинг заедно со другите волонтери секојдневно го обиколуваат ова маало и делат прехранбени производиФотографија: DW/K. Jäger

Дента од другата страна на зградата се вградува нова влезна врата. „И таа има вградена заштита од пожар. Правиме се` за Ромите да се чувствуваат сигурни“, вели Карлинг и додава дека и самите граѓани, соседи се состанувале и чувале стража за време на ноќта. Припадниците на радикалната левичарска група повторно пробале да ги нападнат жителите на овие згради па дошло до судир помеѓу нив и германските соседи. Оттогаш полицијата секојдневно проаѓа оттука и ја контролира ситуацијата, особено навечер. „Претходно секогаш велеа дека ништо не се случило. Но, од нападите секогаш се тука“, вели еден од соседите, Ханс-Вилхелм Хале. Тој и неговата сопруга живеат во куќа во близина која сама си ја купиле и сакале остатокот од животот да го поминат тука. Но, неговата сопруга, смрдеата, бучавата и постојаниот немир веќе не може да ги поднесе. „Ромите ги користат дворовите како тоалети. Навечер се собираат стаорци. Веќе со месеци навечер не сум излегла од куќата“, вели Хелга Хале, а од лицето може да и‘ се забележи уморот. Планови за селење веќе имаат и нема да помине долго време додека овој брачен пар се исели.

Планови на градовите и покраинската влада

Со оглед на проблемите, Дуизбург сега планира да воведе посилна контрола за да се спречи „пренаселување“ на Ромите во зградите. Освен тоа, во план е да им се доделат станови на Ромите во маалата во кои нема толку мигранти за полесно да се интегрираат.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Брачниот пар Хале живеат во непосредна близина на „проблематичните згради“ но сакаат да се преселатФотографија: DW/K. Jäger

Елизабет Патер од градската управа, е надлежна за помош на децата од иселенички семејства. И таа како и многу други жители во Дуизбург покажува големо разбирање за Ромите. „Секој трет жител на Дуизбург има мигрантско потекло. Важно е да се вложува во образованието на децата за да се оспособат за живот во општеството“, вели таа и додава дека во овој град сепак постои можност за вработување и на оние без завршено образование.

Но, критичарите многу не веруваат дека Ромите кои живеат во „проблематичните куќи“, воопшто сакаат да се интегрираат и вработат. Тие наведуваат како тие дошле тука за да го искористат германскиот социјален систем. „Во Германија семејствата со деца добиваат пари: за прво и второ дете по 184 евра, а од четвртото дете па натаму повеќе и од 215 евра месечно по дете“, кажува како пример Ханс-Петер Хале.

Страв од 1 јануари 2014 година

Иако често го најавуваа доаѓањето, ниту Зигмар Габриел (претседател на Социјалдемократите) како ни Пер Штајнбрик (кандидат за функцијата канцелар на изборите од Социјалдемократската партија), досега не се појавиле во Дуизбург. А градот е, благо кажано, преоптоварен со ситуацијата во која се наоѓа. Но таа може уште повеќе да се влоши.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Отпад околу контејнерите за ѓубре во близина на зградитеФотографија: DW/K. Jäger

Имено, државјаните на Романија и Бугарија, кои од 2007 година во Европа можат слободно да се движат без визи од 1 јануари 2014 ќе добијат право и на работа во земјите на ЕУ. Во спротивно, доколку се најдат во Германија, а не можат да најдат работа, од државата ќе добиваат и финансиска помош за невработени. А тоа, како што вели Ролф Карлинг, може да привлече доста поголем број сиромашни Роми во нивниот град.