Masterstudiengang DW-Akademie
10 септември 2009Тие се новинари, водители, коментатори, маркетинг-експерти или наставници по германски јазик. Но, решија уште еднаш да му се вратат на студентскиот живот - првата генерација студенти на „Меѓународните медиумски студии“, новите мастер студии на „Дојче веле“.
„Имам големо практично искуство во телевизија и весник, но тоа никогаш не сум го учела теоретски“, вели 24-годишната Марија Игњатовиќ од Србија.
Абдула Хамад од Јордан верува дека по завршувањето на мастер студиите на „Дојче веле“ ќе има подобри шанси на пазарот на труд: „Дојче веле има висок рејтинг и сметам дека тоа многу ќе ми помогне“, смета Јорданецот.
Откако конкурсот беше распишан, пристигнаа седумстотини пријави, од кои 150 ја поминаа првата селекција. По оценувањето според сите критериуми и интензивните разговори очи в очи, на крајот беа одбрани 22 апликанти. Еден од предусловите беше и добро познавање на германскиот и англискиот јазик, бидејќи студиите се билингвални, односно се одвиваат на двата јазика.
Богата програма во четирти семестри
Мастер-студиите по меѓународни медиуми се соработка меѓу Академијата на „Дојче веле“, која има долгогодишно искуство во обуката на новинари, менаџери и техничари од земјите во развој, Институтот за комуникации при универзитетот во Бон и факултетот „Бон-Рајн-Зиг“. Наставната програма беше заеднички составена и трае четири семестри. Предвидени се предавања, семинари, дискусиии, екскурзии и практика, се разбира, и во редакциите на „Дојче веле“.
Мастер-студиите чинат 6000 евра, меѓутоа голем дел од средствата ги покриваат разни стипендии, меѓу кои и Германската академска служба за размена, односно ДААД. На крајот од студиите, секој студент треба да изработи мастер-теза. По успешното завршување, студентите се здобиваат со титулата „мастер оф артс“.
Автор: Корнелија Рабиц / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска