1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна чествувањето на Велигден-Велики петок

ЖА/ ЕМФ/ ЗЈ/ кна/ дв/ миа6 април 2012

Христијаните во Ерусалим започнаа со велигденските празнувања. Верниците симболично го изминаа Патот на болката на Исус Христос. Кое е значењето на Велики петок во христијанството?

https://p.dw.com/p/14Yxr
Фотографија: Reuters

Илјадници верници учествуваа денеска на Велики петок, празнуван по Грегоријанскиот календар, на симболично изминување на патот на Исус Христос кон Голгота, наречен „Виа долороса“ (Патот на болката) во Стариот град на Ерусалим. Верниците, од кои некои носеа дрвени распетија во природни големини - запираа на секое од местата, на кое според евангелските текстови запирал Исус Христос на својот пат.

Тие места се четиринаесет, последните девет се во црквата „Воскресение Христово“, на чие место според традицијата, синот Божји бил распнат и погребан.

Пред церемонијалното изминување на Виа долороса во таа црква имаше процесија и света литургија, отслужена од Латинскиот патријарх на Ерусалим Фуад Туал.

На литургијата присуствуваа генералните конзули на римокатоличките земји во Ерусалим, како Шпанија, Италија и Франција.

Karfreitag Jerusalem
Фотографија: AP

Израелските сили за безбедност овие денови се во состојба на зголемена готовност заради чествувањето на Воскресение Христово и на еврејската Пасха.

Кое е значењето на Велики петок?

Според христијанското учење, заедно со невиниот распнат Исус, страдал и Господ. Затоа, Велики петок е истовремено и одговор на христијанството на се‘ што е лошо во светот. На тој начин, христијанството станува религија на крстот, а крстот станува симбол на сочувство и на избавување од смртта.

Распнувањето било најгрозоморниот начин на погубување во тогашно време. Теолозите предупредуваат дека не смеат да се потценуваат фактите за крстот и воскресението како корен на христијанската вера.

Движењето што било иницирано од Исус од Назарет, се чини, со неговото погубување, згаснало. Но, дури по распнувањето и по воскресението на Христос на Велигден, што било потврдено и од страна на неговите приврзеници, христијанството вистински почнало.

Ostern Osterfeierlichkeiten 2012 Jerusalem
Фотографија: dapd

Велики петок е сосем во знакот на тагата. За христијаните, меѓутоа, крстот е симбол и на спасение и избавување. Сите христијански религии денес се единствени во тоа дека преку животот и смртта на Исус, на свет дошол лично Господ. На тој начин, крстот станува и симбол на наклонетоста на Господ кон најсиромашните и најслабите. Велики петок во Германија се нарекува Карфрајтаг, кованица што потекнува од старогерманскиот збор „кара“ кој означува жалење и тага. Во најголемиот број цркви камбаните не бијат за време на богослужбите на Велики петок, а понекогаш и олтарот е покриен со црно. На тој ден не се прават крштевки и венчавања.