1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почитување и чесност- вредности за во музеј?!

Сузана Тодоровска-Павлоска10 мај 2013

Во РМ се одржува Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог „Слобода и достоинство-основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“. Социолозите зборуваат за криза на вредности.

https://p.dw.com/p/18V5O
Фотографија: picture-alliance/dpa

Колку општеството ги поттикнува толеранцијата, чесноста, хуманоста и емпатијата кај младите луѓе? Духовните вредности се универзални, но исто така се и терен за преиспитување на едно општество. Социолозите велат дека се случува криза - ерозија на целокупниот вредносен и морален дискурс во Македонија.

„Вредностите кои се важни за човек да може да создава и се суштински за неговиот однос со другите- правичност, чесност, одговорност, почитување, принципиелност, разбирање, трпеливост - се маргинализираат, а на површината испливуваат вредности кои можеби делумно се во склад со современите европски текови кои го зафаќаат нашето општество, но се‘ уште нема плодна почва за нивно етаблирање, нема можност правилно да се адаптираат на нашиот културен хабитус“, вели за ДВ доцент Татјана Стојаноска Иванова, социолог на Филозофскиот факултет во Скопје.

Младите преферираат материјално богатство, престиж, моќ

На врвот на вредносното скалило кај македонските студенти се наоѓа материјалното богатство - покажа истражувањето во 2010 година.

„Тоа е класична, прозападна вредност која подразбира - ако поседуваш материјално богатство тогаш ќе поседуваш моќ, влијание и многу полесно ќе можеш да си ги реализираш целите - не само задоволување на егзистенцијата. Се прифаќаат многу прозападни вредности, па дури и егоизмот, егоцентризмот, кој е суштествен за совремието, а кој целосно се разликува од колективизмот, алтруизмот, космополитизмот. Така, хуманизмот, човечките вредности, се ставаат на страна“, објаснува Стојаноска Иванова.

„Духовните вредности суштински не се практикуваат“

Македонското општество начелно ги охрабрува и поттикнува духовните универзални вредности, но суштински не ги практикува, смета др. Дејан Донев, професор по етика на Правниот факултет во Скопје.

„Размислувајќи што е подобро - морковот или стапот - секогаш се одлучува за поевтината и поедноставна солуција. Не можете да промовирате кампања за второ, трето дете, а притоа правите комплицирани закони, доколку родителите се со нерешен работен статус и не создадете услови во кои државата треба да биде потпорниот грб за нив. Во вакви констелации лесно е нешто да промовирате, но бидете прв - практикувајќи го! Треба да се создадат услови етиката да заживее и да промовира духовни вредности кои младите ќе ги почитуваат и со кои ќе се гордеат. Во нормално развиените земји системот сам ги продуцира истите вредности и охрабрува вакво однесување“, додава Донев.

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Социолозите велат дека се случува криза - ерозија на целокупниот вредносен и морален дискурс во МакедонијаФотографија: MIA

„Филозофија“ на снаоѓањето: прв стигнува оној кој ќе помине на црвено?!

Ние се‘ уште ја живееме деградираната и по малку смешна варијанта на каузалистиката на секојдневното живеење - ’ако ти мене, тогаш и јас тебе’! Се развива егоизмот поради потребата за опстанок. Наместо да се ослободува креативниот дух, се негува чувството ’гледај ако можеш за себе, остави ги другите!’“, вели Донев.

Младите луѓе и родителите често се збунети пред реалноста која продуцира нехуманост, нетолеранција, лицемерие и.т.н. како „корисни“. Воспитната функција на семејството е запоставена.

Symbolbild Telefonieren
Младите и нивните родители се често збунети пред реалноста - на што да се учи детето?Фотографија: Fotolia/Kamiya Ichiro

„Дали на детето да му ги пренесеме суштествените човечки вредности за да се изгради добар човек, со принципи на одговорност, почит, чесност кои ќе го водат во животот, но и алтруизмот и космополитизмот, или да го научиме да се снајде во општеството со етаблирање поинакви вредности кои отстапуваат од суштинските? Со разговор, објаснување и учење - што е добро и правилно, а што не - можат да се всадат основните човечки вредности и потоа да се укаже дека животот наметнува и поинакви стандарди кои ’треба да ги знаеш, но не треба да ги прифатиш и практицираш’“, објаснува Стојаноска Иванова.

Улогата на невладините организации
Младинските невладини организации се клучни во промоцијата на позитивните вредности кај младите поради можноста за врсничка едукција, од млади за млади, вели за ДВ Дона Костуранова, претседател на Младинскиот образовен форум.

„Работата на младинските организации е одраз на потребите на младите и нивните  интереси. Вредностите кои ги промовира МОФ низ своите активности се: развој на критичката мисла, поттикнување на толеранција и соживот, активно граѓанство, почитување на туѓите идеи и ставови, општествена одговорност, волонтерство, промоција на демократски вредности и владеење на правото“, вели Костуранова.

„Има многу примери на уривање на одредени вредности и принципи и што е полошо - тоа е прифатено од младите како нешто најнормално, без никаква осуда или реакција“, смета Сашо Стојковски, извршен директор на Нансен дијалог центар, кој 13 години работи на дијалогот, помирувањето и интеграцијата на младите од различна етничка припадност.

„Нашиот придонес во градењето на нови вредности го даваме преку нов модел на интегрирано образование  во Македонија, кое ги негува, охрабрува и интегрира во себе мултиетничките вредности, двојазичноста, ја промовира и поддржува соработката помеѓу учениците, наставниците и родителите која се темели врз почитување на  разликите“, вели Стојковски.