1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина патријархот на „ТисенКруп“

ЖА/дпа/епд31 јули 2013

Починал патријархот на познатиот концерн „ТисенКруп“, Бертолд Бајц, соопшти денеска претставник на фирмата во Есен. Бајц беше последниот голем менаџер од втората половина на 20-от век во Германија.

https://p.dw.com/p/19HrS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот на Кураториумот на фондацијата Алфред Круп фон Болен унд Халсбах и почесен претседател на Управниот одбор на „ТисенКруп“ починал на возраст од 99 години. Тој со децении не само што придонесуваше за успех на концернот „Круп“ од Есен, а потоа и во сегашниот концерн „ТисенКруп“, кој настана по фузијата со „Тисен“, туку одигра и важна општествена улога.

Тој со години правеше напори за помирување со државите од Источна Европа и со Израел, а остави печат и на економската историја на земјата.

Бајц се смета за една од најзначајните личности од деловниот свет во повоена Германија.

За време на Втората светска војна Бертолд Бајц и неговата сопруга Елзе во Полска спасиле повеќе стотици прогонети Евреи, односно еврејски принудни работници од смрт. Поради тоа Бајц доби бројни награди, меѓу кои лани и наградата за разбирање меѓу народите, Лев-Копелев, а во Израел во 1973 година и почесната титула „Праведни меѓу народите“ од Меморијалниот музеј Јад Вашем.

„За сите кои го познаваа ова е ненадминлива загуба“, соопшти заменикот-претседател на Кураториумот, Рајмар Лист.