1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина американската кантри икона Џони Кеш

13 септември 2003
https://p.dw.com/p/AeWI

"Човекот во црно", легендарниот кантри пејач, Џони Кеш почина на 71 годишна возраст, како последица на дијабетес, во една болница во Нешвил. Во својата кариера продаде 50 милиони плочи, компонираше повеќе од 500 композиции, и беше добитник на наградата "Греми" цели единаесет пати.

Кеш пееше за социјално запоставените, за рударите, убијците, каубојците и се разбира за љубовта. Со песните како "Ring of Fire" , "I Walk the Line" или "Hurt", тој стана култна личност не само кај љубителите на кантри музиката, туку и кај рок и поп фановите.

"Ова е тажен ден во Тенеси, но чудесен ден на небото", рече долгогодишниот пријател на Кеш, Мерл Килгор, додавајќи: "Човекот во црно сега носи бело и настапува со својата сопруга во бендот на ангелите". Сопругата на Кеш, Џун, која му беже животен сопатник цели 35 години, почина пред 4 месеци. Нејзината смрт сосема го уништила Кеш, вели нивниот син Џони.

Подемот на Кеш почнува во 50-тите години. Цела деценија реди хитови и успеси. Од средината на 60-тите Кеш доживува постојани порази поради уживањето дроги и алкохолизмот. Од бездната го извлекува подоцнежната сопруга Џун, која била член на неговиот бенд. Во 1967 година, по терапијата, тој повторно му се враќа на патот на успехот, а неговите песни стануваат се поогорчени, се покритични во однос на општествените текови. Тој пееше за Индијанците и хипиците исто како и за конзервативниот американски претседател, Ричард Никсон.

Актуелниот претседател, Џорџ Буш, денеска соопшти: "Неговиот глас и човечност ги допреа срцата и душите на многу генерации. Ќе ни недостига. Кеш беше американска икона."