Почина академик Гане Тодоровски
23 мај 2010Академик Гане Тодоровски е роден во Скопје, на 11 мај 1929 година. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што бил дологодишен професор.
Тодоровски беше првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997 година и беше член на ДПМ.
Тој е автор на импозантно литературно дело во две магистрални насоки: автентично литературно писмо, кое се остварува во доменот на поезијата и во областа на историјата на книжевноста, критиката и есеистиката. Академик Тодоровски е автор на 12 книги поезија, кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и, истовремено, оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература.
Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик.
Еден дел од активностите на поетот и литературниот критичар и есеист Тодоровски е сврзан и со историјата. Академик Тодоровски беше пасиониран истражувач на македонскиот 19 век, книжевно-историска област кон која тој целиот свој творечки век беше доследно приврзан. Тој ги толкува делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото, туку и како активни фактори и моделатори на нашиот современ литературен израз и на состојбата на нашата современа национална свест.
Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката го вбројуваат академик Гане Тодоровски помеѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови, како во Европа така и во светот.
Академик Тодоровски е добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ - Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ - ДПМ, „Димитар Митрев“ - ДПМ, „Кирил Пејчинович“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство.
Заедничката комеморативна седница ќе се одржи во МАНУ на 26 мај.
Автор: ЖА/БГ/миа
Редактор: Борис Георгиевски