1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почеток на рамазанскиот пост

Горан Петрески 1 септември 2008

Почнува долгиот рамазански пост што по триесет дена ќе го означи најголемиот празник во исламскиот свет Рамазан Бајрам.

https://p.dw.com/p/F8Ke
Муслиманските верници почнуваат со рамазанските постиФотографија: picture-alliance/dpa

Денеска почнува празнувањето на Рамазан, светиот месец кој е време на молитва и солидарност, воздржување не само од храна туку и од лоши мисли и дела.

Но дали светиот месец на Рамазан ќе ги стивне разбрануваните духови во Исламската верска заедница? По неколку годишно затишје ИВЗ неодамна се соочи со нова криза.

Поглаварот Сулејман Реџепи побара мир и толеранција во рамазанската честитка. „Почитувани верници, да го пречекаме овој месец во духот на меѓуверската толеранција, во духот на единството меѓу сите луѓе, без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Нека биде овој месец во знак на почит кон семејството, кон соседите и кон сите луѓе подеднакво. Секогаш, а особено во текот на овој месец повеќе треба да мислиме и да се грижиме за немоќните, болните и сиромашните за во секое семејство да владее среќа и радост. Заради величината на овој месец му се обраќаме на севишниот Алах со молба да во секој дома да владее мир, љубов, хармонија и семејна топлина.“

Последните турбуленции во ИВЗ не беа предизвикани од радикалните структури во редовите на заедницата кои од време навреме знаат да направат проблем. Овој пат на повидок беше судир помеѓу одреден број на муфтии и поглаварот. Се обвинуваа меѓу себе за воведување апсолутизам и непочитување на правилата во заедницата. Колку што успешно се справува со радикалните припадници во своите редови, толку ИВЗ е неотпорна на политички влијанија. Тензиите се редовна појава кога албанските партии се менуваат на власт.

Од минатата година Рамазан Бајрам се слави како државен празник. Македонските политичари одат во џамија да им возвратат на честитките што албанските политичари им ги упатуваат за време на големите христијански празници.