1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почетокот на преговорите за Кипар буди надеж за решение

Петер Филип4 септември 2008

Не постои гаранција за успех на новата рунда преговори за надминување на поделбата на Кипар. Сепак, она што влева надеж е фактот што овој пат иницијативата за преговорите потекнува од страните во конфликтот, а не од ОН.

https://p.dw.com/p/FBKJ
Лидерите на кипарските Грци и Турци со претставникот на ОН во Никозија на почетокот на преговоритеФотографија: AP

Првата средба од новата рунда преговори беше повеќе симболичен чин. Договорено е претставниците на двете страни да се среќаваат еднаш неделно, што може да го одолговлече изнаоѓањето конечно решение за деценискиот спор меѓу Кипарските Грци и Турци.


Принципиелна согласност


Она што е добро, тоа е фактот што водачите на Турците и Грците на Кипар постигнаа уште претходно начелен договор за можното решение. Меѓу елементите на тој договор спаѓа консензусот дека тркалото на историјата не може да се врати назад и дека Кипар нема да биде унитарна република. Турците прифатија дека не можат да имаат исти права како Грците, бидејќи од секогаш биле малцинство на островот. Тие можат да имаат поширока автономија на северниот дел од Кипар, исто како и Грците на јужниот, а двете творби ќе ги поврзува релативно слаба централна влада.


Но, проблемите се најчесто во деталите


До овде се чини се’ е добро. Но, како што вели поговорката: ѓаволот најчесто се крие во деталите. Така Грците бараат повлекување на 40.000 турски војници, кои со децении се стационирани на островот. Истото важи и за околу 100.000 турски доселеници, кои систематски беа испраќани од матичната земја за да ги подобрат демографските пропорции во полза на сопственото малцинство. Турците на Кипар секако ги одбиваат ваквите барања, а и на враќањето на кипарските Грци на нивните огништа во северниот дел од островот исто гледаат со скепса. Тоа би го дозволиле само во вонредни случаи. Згора на сето тоа и можните барања за обесштетувања за отуѓените имоти од обете страни можат да ја влошат климата во преговорите.


Инструментализација од големите сили


Кипар е уште еден пример за проблемите со етничките и религиозни малцинства, за што примери има во целиот свет – од Ирак, па се’ до просторите на поранешна Југославија. Кипар е исто така пример за проблемите што се појавуваат во емоционалното прифаќање на болните политички нужности, што обете страни веќе одамна ги сфатиле. И конечно, Кипар е типичен пример за тоа како странските сили можат да предизвикаат големи проблеми. Имено, Британците како поранешна колонијална сила на островот многу ги разгорија страстите и омразата меѓу кипарските Турци и Грци. Грција се надеваше дека ќе може да го анектира стратешки важниот остров во источниот дел на Средоземното море, а Турција одговори со воена инвазија во 1974-та година. Во ниту еден момент никој од големите сили не го праша локалното население што сака, туку безмилосно го инструментализираше за своите стратешки интереси.

И поради тоа е добро што сега кипарските Грци и Турци на своја иницијатива и со сопствени сили се обидуваат да ги решат проблемите.