1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поуки од катастрофата на „Дип Вотер Хорајзон“

20 април 2011

Мина една година од експлозијата на платформата на Бритиш Петролеум која предизвика нафтената катастрофа во Мексиканскиот залив.Од тогаш наваму светот е во потрага по подобри технологии за справување со вакви катастрофи.

https://p.dw.com/p/10wbm
На 20 април 2010 година експлодира нафтената платформа Дипвотер ХорајзонФотографија: AP

Пред една година во Мексиканскиот залив експлодира нафтената платформа „Дипвотер Хорајзон“. Нафтата се излеваше во морето повеќе од три месеци, конечното количество беше 800 милиони литри. Во лабораториите низ целиот свет се вршат истражувања за подобро справување со нафтените катастрофи во иднина.

Норвешка е предводник во истражувањата

SINTEF Sealab Trondheim Norwegen
Морската лабораторија СИНТЕФ во норвешкиот град ТрондхајмФотографија: SINTEF

Во отстранувањето на нафтата учествуваа експерти од повеќе земји, меѓу нив и научниците од норвешката организација за истражувања СИНТЕФ. Истражувањата за нафтата во Норвешка имаат традиција. Од 1971 во оваа скандинавска земја се вади нафта од Северното Море. Во северниот град Трондхајм функционира морската лабораторија, во која преку еден канал постојано добиваат свежа морска вода, од 90 метри длабочина, за експериментите.

Научникот Свејн Рамстад работи на истражувањата на нафтата. Во лабораторијата има апарат, кој личи на голема када, а испушта звуци како машина за перење. Таа е полна со вода, а по површината плива нафта, која се движи со генератор за бранови. Во морската лабораторија на СИНТЕФ, на барање на фирмите или државните институции, се истражуваат различни видови на нафта и нивните својства во морето. Една интензивна лампа со ултравиолетови зраци симулира сончева светлина. Минатата година температурата во лабораторијата беше зголемена на 32 степени целзиусови. Таму се вршеа испитувања на примероци на нафтата од Мексиканскиот залив и се бараа решенија за справувањето со нафтениот тепих.

„Набљудуваме како нафтата се разградува на мали капки, како тие се раствораат во вода или испаруваат“, објаснува научникот Рамстад.

Мора да се употреби соодветната техника

Im SINTEF Labor, Trondheim, Norwegen werden Proben von unterschiedlichen Ölproben aus aller Welt untersucht und aufbewahrt
Во лабораторијата СИНТЕФ се испитуваат различните видови на нафтаФотографија: DW/I.Quaile

Точните информации за својствата на различните видови нафта при различни услови, како на пример температурата или количеството на сол се предуслов за справување со нафтените катастрофи, објаснува неговиот колега Пер Дајлинг.

„Мора да знаете за која нафта станува збор и како тој вид реагира во морската вода, за да се употреби соодветната техника“, објаснува хемичарот Дајлинг.

Трите главни техники се справување со смукање, палење или со хемикалии, кои денес се користат за отстранување на нафтениот тепих. Дајлинг е експерт за дисперзивни средства, кој поради долгогодишното искуство беше дел од кризниот тим за Дипвотер Хорајзон.

„Норвешките власти секоја година ни дозволуваат, под контролирани услови, да испуштиме нафта во Северното Море. На тој начин може да се испробаат различни методи, како и механички постапки и хемиски диспергатори, објаснува Дајлинг.

Сите научници кои вршат истражувања за нафтените катастрофи се едногласни. Имено, по големите катастрофи голем е интересот за оваа тема. Но, многу бргу опаѓа подготвеноста да се стават на располагање средства за борбата против нафтената хаварија.

Автор: Ирене Квајле / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски