Потребно е храбро и брзо дејствување
25 јануари 2009Барак Обама предупреди на опасниот тренд во делот на невработеноста. Експертите според него се согласни дека доколку не се направи ништо, бројката невработени во земјата може двојно да порасне. Американската економија може да загуби еден трилион долари од нејзиниот целосен капацитет, што во превод според Обама значи дека едно четиричлено семејство ќе загуби 12.000 долари годишен приход. „Можеме да загубиме генерации потенцијал бидејќи се` поголем број американци се принудени да заборават на сонот за колеџ или нивната шанса за едукација и обука за работа во иднина. Доколку не дејствуваме храбро и брзо, лошата ситуација може да добие на драматичен развој“ предупреди Обама.
План со долгорочни цели
Новиот американски претседател предложи план за реинвестирање и опоравување на земјата кој има за цел да обезбеди брзо опоравување на пазарот на труд како и долгорочен економски развој. Според Обама, двете партии во Конгресот веќе работат на овој план. Тој се надева дека за помалку од еден месец планот ќе биде усвоен во вид на закон. Во него се предвидува да се зачуваат или отворат нови три милиони работни места во наредните пет години. Американскиот претседател е свесен дека треба да се работи многу. Затоа тој нагласува дека ова не е само краткорочна програма која има за цел да го поттикне врабтувањето, туку план кој ќе придонесе многу за инвестирање во нашите главни приоритети како енергијата, образованието, здравствената заштита и новата инфраструктура, кои се неопходни да ги одржат САД силни и способни да бидат конкурентни во 21 век.
Јавен отчет за потрошеното
Најголеми очекувања за напредок во реформите се во делот на енергијата, здравствената заштита и образованието. Барак Обама во детали ги соопшти плановите за инвестирање во обновливи енергии, намалување на трошоците за здравствена заштита, како и обнова на повеќе од десет илјади образовни инвестиции во земјата. Тој е свесен дека некои гледаат со скептичност на неговиот план. Обама изјави дека тоа го разбира, но истовремено нагласи дека неговата администрација нема едноставно да ги фрла парите за актуелните проблеми. „Ќе инвестираме во она што функционира. Нашите одлуки ќе бидат јавни. Секој американец ќе биде во можност на владината интернет страница да види како и каде ги трошиме парите од данокот„ изјави Обама