1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребно е вистинско лидерство

Александар Чомовски1 октомври 2008

Премиерот, Никола Груевски, само 24 часа по прес конференцијата на претседателот, Бранко Црвенковски и обвинувањата упатени на негова сметка, одговори исто така со прес конференција и контраобвинувања.

https://p.dw.com/p/FS2o
Премиерот Никола Груевски не им дозволи прашања на новинаритеФотографија: DW/MIA

Во ова многу важно време, треба да се работи сериозно на решавање на грчко-македонскиот спор – сугерираше новиот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер. Тој, само еден ден по преземањето на функцијата во Македонија, се соочи со продлабочување на концепцискиот јаз меѓу македонскиот претседател и премиерот околу спорот со името. „Потребна е флексибилност и вистинско лидерство“, изјави Рикер по средбата со поглаварот на исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи.

Ни Рамазан Бајрам не беше поштеден од политизација

Премиерот, Никола Груевски, вчера (30.09.2008) ги отфрли обвинувањата на претседателот, Бранко Црвенковски дека токму премиерот ги опструира преговорите со Грција. „Изолацијата ја создаде Црвенковски со референцата БЈРМ и тврдењето дека двојната формула е спас“, рече Груевски, додавајќи: „Токму човекот кој бара да ја поделиме одговорноста е човекот кој 13 години зборуваше дека двојната формула е нашиот максимален и фер компромис. Пред да отстапи од оваа двојна формула некој не‘ водел цели 13 години во изолација.“

Реакцијата на Груевски доаѓа 24 часа по обвинувањата на Црвенковски дека премиерот е „несериозен политичар, кој ја одбегнува сопствената одговорност“, со кого има концепциски судир околу компромисот за името: „Претседателот на владата на Република Македонија се соочува со вид на личен политички судир и по едно од најважните прашања за иднината на нашата држава не се однесува како вистински премиер и како најодговорен за состојбите во државата“, рече претседателот Црвенковски.

На овој начин слабеат преговарачките позиции

Вербалната војна и јавно изразените лични и политички судири ексалираа откако премиерот Груевски ја прекинал и напуштил брифинг средбата кај претседателот Црвенковски. Според весникот „Вест“, тоа се случило откако шефот на државата побарал премиерот да се изјасни веднаш за најновиот предлог на посредникот на ОН, Метју Нимиц, за решавање на грчко-македонскиот спор.

„Прифаќам одговорност, прифаќам и Црвенковски да нема одговорност, но каков и да е предлог за името, треба да се решава на референдум“, изјави на прес конференција, премиерот Груевски, без да им даде шанса на новинарите за прашања.

Владата побара Нимиц веднаш да ја испрати новата верзија на предлог-решенијата за името, без нови средби со преговарачите. Весникот „Вечер“ објавува дека во Њујорк претседателот Црвенковски наводно прифатил новото компромисно име да се вметне во уставот, да се појави на пасошите, а македонското писмо и јазик се оставени на решавање на добрата волја на медијаторот Нимиц.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи е единствениот од опозицијата кој досега реагираше по најновите обвинувања на релација претседател-премиер. Тој рече: „Вака се ослабуваат преговарачките позиции на државата. А, тоа води кон пораз. “. Според Тачи, ЕУ и НАТО се приоритет за Македонија.