1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Потребни се храбри новинари“

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска30 септември 2012

Новинарот Владимир Митриќ поради својата професионална работа се здоби со тешки телесни повреди. Тој е под постојана полициска заштита, но и натаму добива закани и предупредувања. Вели, нападите не се можни без државата.

https://p.dw.com/p/16HiB
Фотографија: Fotolia/wellphoto

Организацијата за медиуми во Југоисточна Европа (СЕЕМО) со седиште во Виена неодамна изрази загриженост поради зачестените закани за новинарот Владимир Митриќ, дописник од Лозница за белградскиот весник „Вечерње новости“. Владимир Митриќ во 2005. година беше брутално претепан со безбол палка, и тоа од страна на полицајци, и се здоби со тешки телесни повреди. Оттогаш има постојана полициска заштита. Меѓутоа и покрај 24 часовната заштита заканите продолжуваат. На 15. септември тој доби закана од непознато лице, повеќе да не пишува текстови за одредени политичари. Заканите и предупредувањата стигнуваат и од страна на кримилаци, и дури од оние кои се наоѓаат во притвор. Заштитата му е ограничена на 50 километри од местото на живеење, така што кога оди во Белград во матичната редакција или на лечење, се движи без заштита.

Како дописник на дневниот весник „Вечерње новости“ од Лозница, Владимир Митриќ ги покрива случувањата во ова турбулентно подрачје од границата со Босна и Херцеговина и за ДВ ги објаснува постојаните закани со кои се соочува:

Vladimir Mitrovic Journalist aus Serbien
Владимир МитриќФотографија: DW

„Факт е дека државите долго време не соработуваа, но криминалците таа соработка практично никогаш не ја прекинаа. Значи мои теми се трговија со луѓе, трговија со наркотици и сите други облици на организиран криминал. На Дрина има сигурно неколку стотици нелегални места каде се експлоатира песок и чакал, и тоа без никаков надоместок, државата од тоа нема никава корист. Тоа истовремено сите овие години беа пристаништа за шверц на разни работи. Потоа пишувам за приватизацијата и колку милиони евра беа досега ограбени во тој процес. Се разбира се занимавам и со корупцијата и укажувам на фактот дека таа не би можело да се случи ни во БиХ, од каде исто така известувам, ни во Србија, ако сите тие луѓе немаа корени на местата каде не би смееле да имаат, а тоа е во делот на некои државни институции сите овие години“.

Митриќ вели дека не е задоволен од степенот на заштита што го добил и дека нему практично му е ограничена слободата. Освен ова, официјалните наоди на судските вештаци велат дека Митриќ 50 проценти е оневозможен нормално да живее и работи. Тоа според него доволно говори за околностите под кои ја врши својата работа.

„Бев и останувам на гледиштето: напади врз новинари, обиди за убиства и убиства на новинари во земјите од Југоисточна Европа нема без државата. Точка. Бев на тој став и останувам на него. И мислам дека тоа е суштината на неразјаснетите убиства на колегите Даде Вујасиновиќ, Славко Чурувија и Милан Пантиќ. Денес во Србија и во регионот ни се потребни храбри новинари, но ни се потребни и живи новинари, и новинари кои во текот на извршување на својата работа нема да западнат во тешки психички и физички ситуации“. 

Помала заштита во помалите места

На новнарите во помалите средини им е далеку потешко отколку на колегите во големите градови, вели за ДВ претседателот на Независното здружение на новинари на Србија, Вукашин Обрадовиќ. Тие се изложени на разни врсти на притисок и загрозување на безбедноста, а за сето тоа јавноста е малку запознаена. Обрадовиќ вели дека сега е преминато на посуптилни форми на притисок врз новинарите и редакциите:

Vukasin Obradovic Journalist aus Serbien
Вукашин ОбрадовиќФотографија: DW

„На новинарите се врши пред се’ економски притисок и ние сме свесни дека прашањето за финансирање на медиумите е прашање на слободата на медиумите. Тоа е поразително оти директно произведува цензура и автоцензура. За среќа во последно време немаме некои подрастични примери за некои физички напади врз новинари. Но тоа не значи дека нивната безбедност е на некое високо ниво“. 

На новинарите им е обезбеден статус на службени лица и се предвидени казни за напади врз новинари од една до седум години, но тоа во пракса ретко се случува. Освен ова и натаму недостасуваат систематски решенија на државата за на новинарите да им се овозможи непречена работа, вели Обрадовиќ.