1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребни се вештини, не само дипломи

7 март 2012

Компаниите и деловните луѓе во Македонија предупредуваат дека и натаму нема ефект од обидите уписните политики во државата да се кројат според потребите на пазарот на работна сила.

https://p.dw.com/p/14GFY
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Македонското Министерство за образование преку писмената изјава на својот портпарол Горан Галевски, истакнува:

„Анализи на потребите на пазарот на трудот редовно се прават во соработка со Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална работа, особено пред определувањето на квотите за студирање. Кога тие анализи покажуваат поголем број невработени од одредена студиска програма, таа се става во мирување и не се одобрува упис. Тие анализи покажуваат дека вработувањето оди тешко за струките кои ги нудат педагошките факултети и повеќето факултети од општествените науки. Пред се‘, тоа се должи на големата продукција на ваков кадар од приватните високообразовни установи.“

„Не продаваме дипломи, туку знаење“

„Штуловиот универзитет, како приватно-јавна високошколска институција, не продава дипломи, туку знаење“, вели неговиот ректор Замир Дика, критички осврнувајќи се на политиката на омасовеното високо образование:

Frauenquoten-Konzepte in der Diskussion
Постои хиперпродукција на одредени кадриФотографија: picture-alliance/dpa

„Не се најдени најсоодветните механизми со овој начин на дисперзија на ресурсите и на студиските програми. Ваков начин на дисперзија нема да ги даде очекуваните резултати. Вака ние не ја одржуваме таканаречената ’вертикалност на институциите’ како што се прави тоа во европски контекст. Вертикалноста на институциите значи да постојат разновидни институции на високото образование: не само универзитети, туку и истражувачки институти, високи школи и друго.“

Портпаролот на Министерството за образование Галевски посочува:

„Високото образование е нужно поврзано со стопанството и најважен критериум при обликувањето на студиските програми е визијата за вработувањето на дипломираните студенти. Високото образование има изградено силни и традиционални врски и со стопанството и со нестопанството. Ние, како министерство, во својство на креатор на политиките, се грижиме овие врски да се продлабочуваат постојано и да даваат поизразени резултати.“

Анализи има – ефекти нема

Проректорката за настава на Државниот универзитет во Штип Емилија Јаневиќ - Ивановска истакнува:

„Се‘ уште некоја преголема комуникација со стопанството, односно со сите компании кои постојат во Републиката ’имаме или немаме’, односно, таа не е со таков интензитет. Но, и стопанството со свои сугестии и поконкретни видувања за своите потреби е неопходно да сугерира одредени промени во самите студиски програми. Во последнава академска година во нашиот универзитет во Штип имаме зголемен број студенти на техничките факултети, посебно на машинскиот, техничко-технолошкиот, на факултетот за земјоделство.“

Symbolbild Arbeitnehmerfreiheit Alternative
Што му е потребно на стопанството?Фотографија: picture alliance/dpa

Ана Мицковска - Ралева, аналитичар на образовните политики во земјата од Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, укажува на анализата на овој центар уште од 2009 година:

„Постои хиперподукција на одредени кадри. Нашето истражување тогаш имаше покажано дека се работи за економисти, правници и воспитувачи-учители, значи, оние кои дипломирале на педагошките факултети. Ваквата состојба ја има и денес. Ова претставува проблем за стопанството, затоа што тоа не може да ги прими сите овие кадри. Нема такви капацитети. Високото образование не се усогласува со стопанството и пазарот на трудот. Генерално, универзитетите каскаат зад економијата и тешко ги предвидуваат идните потреби на претпријатијата, немаат доволна координација со бизнис-секторот.“

„Диверзификација во високото образование – алатка за креирање на идните политики“

Во врска со тврдењата за хиперпродукција на кадри на факултетите Министерството за образование одговара:

„Сите студиски програми, за кои вработувањето е слабо, и оваа академска година ќе бидат ставени во мирување, или ќе бидат намалени квотите за нив на прифатлив општествен минимум. За некои ќе биде препорачано повеќе да не се нудат на пазарот на трудот. За надминување на овој проблем диверзификацијата во високото образование станува една од клучните алатки во креирањето на идните политики.“

Symbolbild job Jobsuche arbeit
Фотографија: Fotolia/phecsone

Ректорот Дика конкретизира дека Штуловиот универзитет веќе започнува да се преобразува во универзитет од третата генерација:

„Тоа значи дека ќе инвестираме и ќе ги јакнеме своите капацитети за поблиска соработка со индустријата, со бизнис-заедницата и општеството, повеќе преку претприемништво, но и со сите капацитети за истражување, тие да бидат посветени кон новите продукти и новите технологии. Ние веќе имаме и проректор за претприемништво.“

Во извештајот на Светската банка, презентиран деновиве во Скопје, со индикативен наслов „Вештини, не дипломи“, посочено е дека е неопходно солидно ниво на вештини клучни за креирање работни места што носат развој во земјите, а не само дипломи.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска