1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребна е политичка стабилност и реформи

Валентин Николовски13 септември 2006

Македонската владина делегација денеска разговара со актуелниот претседател и со кандидатот за иден претседател на Европскиот парламент, Жозеп Борел и Ханс Петеринг, како и со високиот претставник на Еу за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана.

https://p.dw.com/p/Ac3I
Фотографија: AP

Македонскиот премиер, Никола Груевски, вториот ден од посетата на Брисел го искористи и за партиски активности. Груевски и во својство на претседател на ВМРО ДПМНЕ, претпладнево се сретна со претседателот на Европските народни партии, Вилфред Мартенс, инаку поранешен премиер на Белгија. Апликацијата на ВМРО ДПМНЕ за членство во асоцијацијата на Европските народни партии беше главна тема на овие разговори. Со оглед на изборниот успех на победничката македонска партија и нејзината реформска ориентација, од кабинетот на Груевски велат дека се очекува ВМРО ДПМНЕ да стане членка на асоцијацијата до крајот на оваа година. Инаку, и на синоќешната неформална средба на премиерот Груевски со новинарите, пораките што ги испратија комесарот за порширување на ЕУ, Оли Рен и на генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, беа најинтересни за дискусија. Интересен детал е што на средбите на Груевски со Рен и Шефер, дури и помалку се разговарало за притисоците и поплаките од ДУИ отколку што се зборуваше на прес конференциите. Сумарно, и од двете организации, ЕУ и НАТО, бараат политичка стабилност и засилено спроведување на реформите, за Македонија да ги добие двата очекувани датуми – почеток на преговорите за членство во унијата и покана за членство во НАТО.

Комесарот Рен и испрати порака на ДУИ и нејзините намери за промена на уставот. Тој вели дека станува збор за политичка и демократска култура, а не за некои фиксни и строги правила и регулативи, потенцирајќи дека и во овој случај и владата и опозицијата треба да покажат подготвеност за политички дијалог, како што постои во една зрела демократија, како што е таа во Република Македонија, притоа алудирајќи на потребата за широк политички консензус, за остварување на македонските европски перспективи. И Груевски испрати бриселска порака до интегративците, предизвикана од нивната посета на седиштето на унијата. Груевски потсети дека и ВМРО ДПМНЕ како опозиција многупати разговарала со бриселските авторитети, и тој во тоа не геда ништо негативно или нелегитимно, туку напротив – смета дека е добро да се разменат мислења со ЕУ, што ќе влијае на донесувањето одлуки.

Втората поента од вчерашните средби беа датумите за двете македонски интегративни аспирации. За Груевски, реформите ќе се спроведат и ќе се реализираат преземените обврски кон унијата, со што Македонија ќе го добие датумот за почеток на преговрите за членство во текот на идната година. За Рен, пак, добро е што владата си поставува цели, бидејќи тоа е движечка сила на реформскиот процес. Сепак, Европската комисија не ги гледа акционите планови, туку ги гледа конкретнитте дејства и резултати. За комисијата е многу поважен квалитетот отколку брзината, рече еврокомесарот.

За датумот за покана за членство во НАТО, премиерот Груевски уверуваше дека Македонија знае што треба да направи, за да ја оствари зацртаната цел – покана за членство во 2008 година. Груевски најави дека лично тој ќе го коориднира процесот за интеграција со северно-атлантската алијанса. Од Шефер, пак, Македонија доби уште една надеж дека од самитот во Рига ќе се испрати позитивна порака – засега со непозната содржина.