1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен е компромис за името

Тони Гламчевски12 март 2008

Министерот за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски во Европскиот парламент во Стразбур имаше средба со група европратеници директно вклучени во изработката на извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ

https://p.dw.com/p/DNNv
Милошоски со европратениците Кацин, Свобода, Мејер, Каленбах и ИбрисагиќФотографија: MIA

На средбите на македонскиот министер за надворешни работи со европратениците, стана збор за реформите и напредокот кој го остварува Македонија на патот кон ЕУ. Тоа ни го потврди словенечкиот европратеник Јелко Кацин, кој притоа нагласи:

„Пред се сакам Република Македонија да напредува и да ја искористи својата историска шанса и да се стави до Хрватска, да добие датум и започне преговори. А не од статусот на кандидат да се спушти на нивото на оние кои го немаат потпишано Договорот за стабилизација и асоцијација.“ – смета Јелко Кацин.

Според словенечкиот европартеник Македонија денес има шанса да стане прво членка на НАТО, и со тоа да го стабилизира југо-истокот на Западен Балкан и со тоа стане уште поубедлив извозник на стабилност и просперитет во регионот или од тоа да се одрече.

Кацин сака Македонија да напредува и затоа мисли дека сега е историски момент за Република Македонија.

„Ако нема компромис, тогаш Македонија се откажува од се она што сега и е на дофат на раката“. Без разлика што ќе се одлучи и каков компромис биде донесен, таа за словенечкиот европратеник ќе остане Република Македонија и според него Словенија нема повторно да ја признава Македонија.

Блокадата не и користи ни на Македонија ни на Европа

Слично размислува и австрискиот европратеник Јоханес Свобода.

„Мислам дека треба да се најде решение за името на Македонија. Македонија е Македонија за мене и за сите луѓе, но за официјалното име можеби може да се најде решение меѓу Грција и Македонија. Сега постои блокирање, кое не е добро ниту за Македонија, ниту за Европа“ рече Свобода.

Тој е убеден дека постои решение за проблемот со името за што разговарал со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски.

„Мислам дека Македонија треба да реагира и можеби со помош и подршка на Европската Унија треба апсолутно да се најде решение.“

„Грција е членка на Европската Унија, тоа секогаш претставува предност. Тоа е факт, кој треба да го почитува и Македонија. Треба да се знае дека се вршат и внатрешни притисоци во Унијата врз Грција. “ ни рече Јоханес Свобода.

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоскиод своја страна оцени:

„На европските парламентарци им станува се повеќе јасно дека не е името на Република Македонија крајната цел на владата во Атина, туку нарушувањето на националниот и јазичниот идентитет на Македонците. Затоа кажавме дека Македонија е подгтовена за директни билатерални разговори со Република Грција и за изнаоѓање на билатерален компромис, кој во никој случај не смее да биде на штета на нашиот национален и јазичен идентитет.“

Македонскиот министер смета дека постои шанса за билатерален компромис со Грција до самитот на НАТО.

„Но потребно е да имаме подготвеност и еден разционален пристап од двете страни. Дали тоа ќе се случи многу брзо или не, останува да видиме во следните две три недели. Во секој случај, Македонија го цени тоа што и двете страни се уште се придружуваат, барем официјално до Времената спогодба, која ја имаме склучено во 1995 година и која ја сметаме за темелен документ во нашите билатерални односи со Грција.“ нагласува шефот на македонската дипломатија.