1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрагата по исчезнатите лица на Косово е се‘ побавна

Зулфија Јакупи / Елизабета Милошевска Фиданоска30 август 2012

Процесот на наоѓање и идентификација на исчезнатите лица од Косово е се‘ побавен. Упатените како причина го наведуваат минувањето на времето, но и недостигот на политичка волја на властите во Белград и во Приштина.

https://p.dw.com/p/1603D
Фотографија: DW

На Косово како исчезнати се водат уште 1771 лица. Меѓу нив најмногу има Албанци, додека околу 500 се припадници на српската и другите заедници. Координаторот на Советот на здруженијата на семејствата на исчезнатите лица од Косово, Хаки Касуми, е незадоволен од постигнатото во процесот на расветлување на судбината на исчезнатите пред, за време и по судирите на Косово. Според Касуми, се стекнува впечаток како на официјалните претставници да не им се брза: „Не знам какво е оправдувањето на луѓето кои презеле обврска да работат на тој проблем. Не знам каква е нивната совест кога текот на тој процес е така бавен и наше убедување е дека ним некако не им се брза.“

И претседателот на Здружението на исчезнати и киднапирани Срби од Косово, Милорад Трифуновиќ, смета дека процесот е бавен затоа што ни Приштина, ниту Белград, а ни меѓународните институции не се многу заинтересирани за решавање на проблемот.

„Последниот случај е во Жиливоде (кај Обилиќ), каде, по мое мислење, политички е запрена потрагата на тој терен и би сакал таа повторно да се активира и таа локација да не се става ад акта“, вели Трифуновиќ. Тој нагласува и тоа дека поголемиот дел од семејствата на исчезнати Срби живеат во Србија и дека здружението на чие чело е тој има три канцеларии на Косово кои им се секогаш достапни. На тој начин им е овозможено и да присуствуваат при истражувањето на некои локации.

Недостиг на политичка волја

Истовремено, извршниот директор на Фондот за хуманитарно право на Косово, Беким Бљакај, вели дека постои реална можност да не се дознае судбината на сите исчезнати лица.

„За жал, како што минуваат годините, процесот на идентификација на исчезнатите лица е се‘ побавен и побавен. Особено што голем број локации кадешто според сомневањата постоеле масовни гробници се веќе истражени и во некои од нив не се пронајдени телата на исчезнатите. Така членовите на семејствата губат надеж и трпение и се плашам дека многу тешко ќе дојдеме до разрешување на случаите на сите исчезнати“, вели Бљакај.

Haki Kasumi
Хаки Касуми, координатор на Советот на здруженијата на семејствата на исчезнатите лицаФотографија: DW/B. Shehu

Со проблемот на исчезнатите лица, а во рамки на проектот „Соочување со минатото“, се занимава и германската невладина организација ФорумЗДФ. Драгана Милутиновиќ од ФорумЗДФ Косово оценува дека во процесот на решавање на судбината на исчезнатите можело да се направи многу повеќе. „Сигурно дека доколку се реши проблемот на исчезнатите лица тоа ќе ги подобри и ќе го забрза нормализирањето на односите на Белград и Приштина. За време на состаноците со семејствата на исчезнатите често се слуша и мислењето дека недостига политичка волја на двете страни за решение на проблемот, но и дека проблем е недостигот на информации“, вели Милутиновиќ.

Без вистина за исчезнатите тешко до помирување

Здруженијата на семејствата на исчезнати Албанци и Срби се согласуваат во ставот дека проблемот на исчезнатите до крај може да се реши само низ дијалог на Приштина и Белград. Хаки Каусими смета дека дијалогот што се води во Брисел мора да се подигне на повисоко ниво.

Pristina Vermisst Balkan Kosovo
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Сигурни сме дека на тоа високо ниво и со помош на ЕУ би можело да се направи поголем притисок врз двете влади да работат што повеќе во таа насока и да дадат и обезбедат што повеќе информации кои им се потребни како леб на овие семејства кои чекаат веќе тринаесет години.“