Потона слободата на информирањето во Македонија
30 јануари 2013Македонија е на 116. место меѓу 179 земји во светот во однос на слободата на информирањето, соопшти организацијата Репортери без граници во годишниот извештај кој беше објавен денеска. Зад Македонија, во европски рамки се само Украина, Русија, Турција и Белорусија. Во светски рамки, друштво на табелата на Македонија и’ прават Нигерија и Венецуела, а од регионот најблиску до состојбата во земјата е Црна Гора која се најде на 113. место. Во втората „стотка“ на табелата е единствено уште Албанија, на 102. место, а сите останати земји од регионот, вклучително и Косово, се меѓу првите сто земји.
Во анализата на Репортери без граници се наведува дека Македонија, Црна Гора и Албанија делат слично „жално“ досие: судски злоупотреби врз основа на неадекватно законодавство, недостаток на пристап до јавни информации, физичко и психолошко насилство врз оние кои работат на вестите и информациите, употреба на јавните и приватни маркетиншки пазари како алатки, контрола на „сивата“ економија врз клучни делови од медиумите.
„Следејќи ги опасните примери на Италија и Унгарија, македонскиот парламент се подготвува ’да ја легализира цензурата’, во континуитет играјќи ’топло-ладно’ кон професијата која е препуштена сама на себе“, се наведува во извештајот.
Индексот на Репортери без граници, кој се објавува секоја година, го мери нивото на слободата на информирањето во околу 180 земји. Преку него се изразува слободата која ја уживаат новинарите, медиумските организации и граѓаните, како и напорите на властите да ја почитуваат и да овозможат почитување за слободата на информирањето.
Континуиран пад на Македонија
Македонија со години наназад бележи пад на годишната листа. Тоа е особено забележливо од 2009. година наваму, кога Македонија била на 34. место на листата. Оттогаш, земјата најпрво паднала на 68. место (2010 година), на 94. место (2011/2012 година), за годинава да го достигне историски ниското 116. место. Тоа е и причината што земјата во годинешниот извештај е спомената уште во воведот на анализата на Репортери без граници, меѓу земјите со најголем пад на табелата како Мали, држава која забележала пад за 74 места, но се уште се наоѓа на релативно високото 99. место на табелата, Султанатот Оман, Танзанија, Израел, Малезија, Камбоџа и Јапонија.
Во европски рамки сличен пад во слободата на информирањето минатата година забележале само уште Унгарија и Грција, за 16, односно 14 места. Во регионот, напредок бележат Хрватска (за 4 места), и Србија за 17 места на табелата.
Први на листата земји со најдобар индекс и годинава се Финска, Холандија и Норвешка. Меѓу првите 30 земји на листата, 16 се членки на Европската Унија. Меѓу најлошо оценетите земји-членки на ЕУ се Грција и Бугарија на 84., односно на 87. место на табелата.
На дното на листата и годинава се најдоа Еритреја, Северна Кореја, Туркменистан и Сирија.