Постигнат договор за кандидатскиот статус на Србија
27 февруари 2012Францускиот министер за надворешни работи Ален Жипе изјави денеска во Брисел дека на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ е постигнат договор на Србија да и биде доделен статусот на кандидат за членство во ЕУ. Официјалната одлука ќе биде донесена утре а таа мора да биде потврдена на самитот на ЕУ што се одржува на 1 и 2 март.
Кацин: Нема нови услови за Србија за добивање датум за преговори
Доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ на Србија ќе биде од полза за целиот регион, изјави денеска известувачот на Европскиот парламент за Србија, словенечкиот европратеник Јелко Кацин.
Тој нагласи дека по добивањето на кандидатскиот статус, на Србија нема да и бидат наметнувани нови услови за одредување на датумот за почеток на преговорите за членство.
„Нема да има никави услови. Мислам дека ЕУ ќе ги почека резулататите од изборите во Србија. Ние не би сакале тоа да биде предизборна трка или предизборна тема“, нагласи Кацин.
Словенечкиот европратеник изјави дека се очекува во текот на јули Црна Гора да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ со отворање на преговори по поглавјата 23 и 24 од пристапниот договор, што би требало да претставува дополнителен предизвик за Србија за тоа дали ќе го забрза зачленувањето во Унијата или ќе стои во место.
Автор: СН/ АТ/ миа/ дв
Редактор: Александра Трајковска