1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посредничката мисија на Анан без успех

12 март 2012

Пратеникот на ОН и Арапската лига Кофи Анан ја заврши својата дводневна посета на Дамаск, без да успее да договори запирање на насилството.

https://p.dw.com/p/14JBw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мисијата на Анан дури се совпадна и со засилената офанзива на сириските сили против побунетата провинција Идлиб и другите бастиони на опозицијата. Анан го напушти Дамаск, откако на претседателот Башар ел Асад му претстави серија конкретни предлози за запирање на крвопролевањето, дијалог и хуманитарна помош. За тоа време, поточно во последните два дена, во земјата беа убиени 150 лица.

Анан состојбата во Сирија ја опиша како „лоша и опасна“ и побара запирање на убиствата и крвопролевањето. Анан денеска треба да пристигне во Турција и за состојбата во Сирија да разговара со турските власти.

Сириската опозиција денеска повика на итен состанок на Советот за безбедност на ОН, поради информацијата дека само во минатата ноќ во Хомс се убиени 57 лица. „Ова е масакар што е документиран со имиња и идентитет“, рече Валид ал-Буни од Сирискиот национален совет.

Крвавиот конфликт во Сирија веројатно ќе доминира и во разговорите што денеска ќе се одржуваат во ОН, а поводот за нив е израелско-палестинскиот конфликт. Американската државна секретарка Хилари Клинтон и нејзиниот руски колега Сергеј Лавров ќе одржат билатерални разговори, во рамките на отворениот состанок на Советот за безбедност на кој министри од 15 нации треба да разговараат што по минатогодишната арапска пролет.

Автор: Александар Методијев /ап/ дпа/миа

Редактор: Симе Недевски