1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна почит за жртвите од Компостела

БГ/бета29 јули 2013

Со миса во катедралата во Компостела, вечерва ќе бидат погребани посмртните останки на најголемиот дел од жртвите во железничката несреќа во Шпанија. Машиновозачот обвинет за убиство од небрежност

https://p.dw.com/p/19GZN
Фотографија: Reuters

Жителите на Сантијаго де Компостела денеска им оддаваат почит на загинатите во минатонеделната железничка несреќа во близина на градот, едно од најпознатите места за верници од целиот свет.

Машиновозачот Франсиско Хосе Гарсон Амо, кој го управуваше возот што излета од шините и притоа загинаа 79 патници, е обвинет за „убиство од небрежност по 79 точки“.

По сослушувањето, машиновозачот вчера беше пуштен од притвор со кауција. Тој е осомничен дека со голема брзина влетал во свиокот кај Сантијаго де Компостела поради што возот излетал од шините. Во меѓувреме, отворени се две истраги, една судска и една административна, кои треба да објаснат како се случила железничката несреќа, најтешка во Шпанија во последните 70 години.

Управата на мрежата Адиф соопшти дека машиновозачот добил предупредувања да забави, додека претседателот на железничката компанија Ренфа тврди дека машиновозачот бил одлично запознаен со тој дел од патот.

Spanien Zugunglück Francisco Jose Garzon Amo
Машиновозачот Франсиско Хосе Гарсон АмоФотографија: Getty Images

Верниците уште од четвртокот положуваат цвеќиња пред катедралата во Компостела и на соседниот плоштад. Дел од настраданите беа погребани вчера, а вечерва ќе биде одржан помен во катедралата во Компостела. Се очекува присуство на премиерот Маријано Рахој и на принцот Фелипе и принцезата Летиција.

Местото на несреќата е расчистено, па од утрово е обновен железничкиот сообраќај со ограничување на брзината од 30 километри на час.

Од повредените во несреќата, 70 луѓе се уште се хоспитализирани, а од нив, 22 лица се уште се наоѓаат во тешка состојба.