Последен воз на генерацијата
20 декември 2010Скопска Автокоманда и натаму останува центарот на македонските ракометни збиднувања. Металург ја завршува првенствената полусезона како апсолутен лидер без пораз. Еден од главните столбови на успехот е голманот Петар Ангелов. Тој вели-во добро расположение во Металург ќе бидат дочекани претстојните празници.
„Ние сме задоволни од она што го постигнавме. Направивме добар резултат, не загубивме ниту еден натпревар во првенството. Тоа е добро за презимување и за добри празници.“
Гепинген, следен противник во Купот на ЕХФ
Металург засега одлично чекори и во Купот на ЕХФ. Силата ја демонстрира против Иври, претставникот на Франција, земјата според резултатите, водечка во ракометот. Со две уверливи победи во Скопје и во Париз, Металург ги елиминира Французите. Во четвртфиналето следи хит-двобојот против германскиот Гепинген. Ангелов со многу респект зборува за германскиот тим.
„Според резултатите во германското првенство, тоа е доста добар тим. Ние сигурно нема да отидеме таму и да се предадеме. Ќе одиме да играме, и тие се од крв и месо, а ние добро ќе се подготвиме. Гепинген го познаваме многу добро. Тие играат во германската лига, која е една од најсилните во Европа.“
Играч со огромно искуство
Петар Ангелов 33-годишен, е со огромно голманско искуство зад себе калено 6 години во Пелистер, 4 сезони во францускиот Трембле, лани во Вардар. Одличен е и на голот на репрезентацијата на Македонија, која годината ја завршува со добри шанси за пласман на следното Европско првенство.
„После десет години отидовме на светско првенство. Ова е т.н. последен воз на оваа генерација ракометари. Моментно имаме добри резултати. Во март играме со Унгарија, и ќе дадеме се‘ од себе да победиме, и да ги добиеме сите натпревари на домашен терен, а ќе играме добро и на гостински терен.“
Петар Ангелов, миленикот на навивачите со прекарот Диви, ја користи можноста на младите да им порача и натаму да бидат со Металург и со македонската ракометна репрезентација, но и самите да спортуваат, што е можно повеќе.
Автор: Златко Калински
Редактор: Жана Ацеска