1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070509 VW Porsche

7 мај 2009

Долго време изгледаше дека малиот, но профитабилен „Порше“ ќе го „голтне“ „Фолксваген“ во своја сопственост. Но, под влијание на финансиската криза, сега ќе дојде до спојување на двете компании.

https://p.dw.com/p/HlQO
Нов авто-концерн на повидокФотографија: picture-alliance/ dpa

Во екот на една од најтешките криза во автоиндустријата, семејствата-сопственици на автопроизводителите „Фолксваген“ и „Порше“ се договорија да се соединат. Под покривот на новиот автомобилски концерн ќе опстојуваат десет различни брендови на компаниите, како што денеска соопштија претставници на „Порше -Холдинг“ и „Фолксваген“. Покраинските влади на Баден Виртемберг и Долна Саксонија реагираа позитивно на плановите за фузија. „Порше“ поседува 51 процент од акциите на „Фолксваген“, но за нивното купување се задолжи со девет милијарди евра. Според плановите, во рамките на новиот концерн, „Порше“ ќе продолжи да опстојува самостојно. Во фирмата се вработени дванаесет илјади и двесте лица, додека за „Фолксваген“ работат тристотини и седумдесет илјади луѓе ширум светот.

Брз, но само основен договор

Ferdinand Porsche gestorben
Фердинанд Порше - основач на компанијатаФотографија: dpa

Состанокот на семејствата Порше и Пиех во Салцбург заврши за само четири часа. Потоа беше јасно: сакаат спојување на „Фолксваген“ и производителот на спортски автомобили „Порше“ од Штутгарт. Тоа значи дека ќе биде формирано ново автомобилско акционерско друштво. Јасно е, исто така, дека во рамки на новото претпријатие ќе продолжат да опстојуваат десет различни брендови, меѓу нив и „Порше“. Ова се основите на договорот, врз кои шефовите на „Фолксваген“ и „Порше“ треба да ги изработат деталите за фузијата. Целта е за четири недели да се изработи нацрт-предлог за тоа како би изгледала идната структура на заедничката автомобилска компанија. Во преговорите ќе учествуваат и претставници на вработените во двете фирми, како и на покраината Долна Саксонија, која е еден од покрупните акционери во „Фолксваген“.

Сепак, договорот што го постигнаа семејствата-сопственици на „Порше“ и „Фолксваген“ може да ја даде само насоката во која ќе одвиваат работите. Без согласност од покраината Долна Саксонија, се` може да пропадне. Иако покраината не е најголем акционер во „Фолксваген“, сепак има право да постави вето на ваквата одлука.

Многу отворени прашања

Das Logo eines VW-Porsche 914
Соработка меѓу компаниите имало отсекогаш - логото на „Фолксваген-Порше“ 914Фотографија: AP

Каде ќе биде седиштето на новиот концерн - во Волфсбург или во Штутгарт? Покрај тоа, кој ќе биде на чело на компанијата? Професорот Вили Диц, експерт за автомобилската индустрија, објаснува: Фузијата меѓу „Фолксваген“ и „Порше“ значи дека е потребна и нова организација на управата. Нормално е да дојде и до промени во поставата, бидејќи функциите во претпријатието ќе бидат прераспределени“.

Во моментов е нејасно дали на чело на новоформираната компанија ќе застане шефот на „Порше“, Венделин Видекинг, или, пак, шефот на „Фолксваген“, Мартин Винтеркорн. Во секој случај, тие двајцата ќе мораат наредниве недели да седнат и заедно да го подготват спојувањето на фирмите. Отворено останува уште едно важно прашање: кој ќе преседава со надзорниот одбор на новата компанија - Фердинанд Пиех, или, пак, неговиот братучед од семејството „Порше“, Волфганг? Во новиот концепт на семејствата не треба да се заборави ниту можноста за влез на нов инвеститор, како на пример емиратот Катар. Средорочно ниту ваков потег не е исклучен.

За вработените е важно да се почитуваат нивните права

Но, семејствата Порше и Пиех сакаат да се обидат прво сами да ги решат финансиските проблеми во кои западна производителот на спортски автомобили од Штутгарт. Очигледно се планира и зголемување на капиталот од пет милијарди евра. По фузијата со „Фолксваген“, вредноста на „Порше“ ќе се зголеми.

Иако првичните реакции на политичарите во однос на фузијата на двете компании е воглавно позитивна, претседателот на Советот на вработените во „Фолксваген“, Бернд Остерлох, искажа воздржаност. Според него, останува отворено да се види дали преговорите за фузија на претпријатијата ќе бидат успешни. За Остерлох е најважно да се почитуваат правата на сите вработени.

Автор: Кристоф Гајсмајер / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска