1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалците бесни на политиката на штедење

ЖА/дв/дпа/ртре3 март 2013

Стотици илјади Португалци излегоа на улиците во Португалија на протести против мерките за штедење. Незадоволните граѓани побараа оставка на десноцентристичката влада.

https://p.dw.com/p/17pQf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тројката и владата-надвор“, „Португалците на избори“ и „Избори сега“, беа напишани на транспарентите кои огорчените Португалци ги носеа на протестниот марш низ улиците на главниот град.

Околу 500.000 лица протестираа вчера низ улиците на Лисабон, изразувајќи го на тој начин своето незадоволство од владините мерки за штедење, чие воведување е услов за доделување помош за Португалија од меѓународните кредитори.

Од протестите, организирани во пресрет на стапувањето во сила на најголемиот пораст на даноците во современата историја на Португалија, беше побарана оставка од десноцентристичката влада.

Portugal Lissabon Proteste gegen Sparpolitik
Фотографија: picture-alliance/AP

Протестите се одржаа пред зградата на Министерството за финансии и започнаа со звуците на песната „Грандола“, неофицијална химна на „Каранфиловата револуција“ од 1974 година со која беше урнат диктаторскиот режим на Антонио Салазар кога на земјата и‘ беше отворен патот кон демократија.

Демонстрации се одржаа во вкупно 30 градови низ земјата, а ги организираше натпартиското граѓанско движење кое се нарекува „По ѓаволите со тројката“. Иницијативата во септември 2012 година во Лисабон го организираше еден од најголемите протести во историјата на Португалија со над еден милион учесници.

Португалија се наоѓа во најголемата економска криза од 70-те година на минатиот век. Експертите очекуваат пад на економскиот раст на Португалија во оваа година за два проценти, што би била трета последователна рецесија. Стапката на невработеност изнесува 17,6 проценти, а кај младите под 25 години дури 40 насто.