Поранешниот германски претседател Кристијан Вулф пред суд
14 ноември 2013Поранешниот сојузен германски претседател Кристијан Вулф од денеска (14.11.2013 година) седнува на обвинителна клупа. Ова за германски околности е сензација и претходно се нема никогаш случено. Обвиненијата се за злоупотреба на службена позиција, а за тоа следуваат парични казни или, пак, во најлош случај казна затвор до три години. Кристијан Вулф, кој беше сојузен германски претседател од јуни 2010 до февруари 2012 година, ќе мора лично да се појави пред судот, каде ќе го чекаат повеќе десетици камери.
Сите непријатни работи, кои на крајот доведоа до оставка, повторно ќе се подгрејат. Вулф е склон кон гламур, кон светот на богатите и убавите, земал контроверзен кредит за купување на неговата куќа, а одморите ги минувал во викендички на богати познаници. Тој одел на прослави и гламурозни вечери со пријатели, како што е филмскиот продуцент Давид Греневолд, кој исто така е обвинет.
Ќе се потсети и на срамното заканувачко јавување на Вулф кај главниот уредник на весникот „Билд“, кое откри нарушен однос на шефот на државата кон слободата на медиумите. Во меѓувреме од него разведената „прва дама“ Бетина и некои познати личности ќе мораат да се појават како сведоци.
Само конкретен случај на сомнение
Екс претседателот би сакал да може да се поштеди од сето ова. Обвинителството нему му понуди откажување на процесот, доколку тој прифати парична казна, а стануваше збор за 20.000 евра. А, тоа не е нешто невозможно за 54-годишниот адвокат кого, како и сите негови претходници на претседателската функција, Службата на сојузниот претседател го опреми со годишен хонорар од 200.000 евра, како и со службено возило и канцеларија.
Но, Вулф одби и остави неговите адвокати да објаснат дека тие сакаат да се борат „за достоинството и правaта на екс претседателот Кристијан Вулф“. Неговите адвокати Бернд Мисиг и Михаел Нагел сметаат дека имаат добри шанси да ја тргнат стигматизацијата дека тој е криминалец. Случаите за кои тој се сомничи не се случиле за време на неговиот претседателски мандат, туку претходно, кога бил покраински премиер на Долна Саксонија. Затоа процесот ќе се одвива во кривичниот оддел на покраинскиот суд во Хановер.
Великодушен филмски продуцент
Во фокусот на јавното обвинителство е посетата на Вулф на Октоберфест во 2008 година, при која неговиот пријател и филмски продуцент Давид Греневолд платил дел од сметката за јадење и пиење, а ги покрил и трошоците за ноќевање. Се работи за сума од 750 евра.
Како противуслуга за дарежливиот пријател, Вулф веднаш побарал финансиска поддршка за филмски проект на Греневолд од тогашниот шеф на концернот „Сименс“ Петер Лешер. Како што е познато во меѓувреме, тоа било безуспешно. Адвокатите на Вулф отфрлаат каква било поврзаност. И покрај малата сума и малкуте докази, сепак стриктниот германски Закон против корупција би можел да биде кобен за поранешниот претседател. Судиите ќе мораат да утврдат каде завршува личното пријателство и каде започнува службената корист. Обвинителството на почеток сакаше да му се суди на Вулф за поткуп, но судот покрена обвинение само за злоупотреба на службена положба. Вулф се надева на ослободителна пресуда.