1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поранешен министер убиен во напад во Бејрут

ЖА/афп/ртре27 декември 2013

Во напад со автомобил-бомба денеска (27.12.2013) во либанскиот главен град Бејрут загинал близок соработник на екс-премиерот Харири. Инцидентот се случил во близина на владината зграда.

https://p.dw.com/p/1AhLI
Фотографија: Reuters

Во центарот на либанската престолнина Бејрут во напад со автомобил-бомба, според извори од безбедносни кругови, е убиен поранешниот министер Мохамед Шатах и уште четири други лица. Цел на атентатот бил конвојот со опозициони политичари, велат од полицијата. Шатах се смета за следбеник на поранешниот либански премиер Саад ал-Харири. Тој бил на пат на закажан состанок на Коалицијата 14. март, кога се случила експлозијата. Коалицијата е огорчен непријател на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Според очевидци, автомобилот на Шатах бил целосно разнесен.

Телевизијата од либанскиот главен град пренесува слики на облаци црн чад над квартот во близина на хотелот Фенициа, во близина на владиното седиште. Експлозијата била чуена во целиот град.

Во Бејрут оваа година се случија повеќе бомбашки напади. Најголем дел од нив беа изведени во јужниот дел од градот, кој е упориште на шиитското движење Хезболах.

Во самоубиствен напад врз иранската амбасада во средината на ноември беа убиени над 20 лица. Одговорноста за нападот ја презеде сириската бунтовничка група Бригадите на Абдула-Асам.