1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораките на Филе

Костадин Делимитов18 септември 2012

Пораките на еврокомесарот Штефан Филе во Скопје, според експертите, се добронамерни, но и загрижувачки. Што неговата посета на Македонија остави како дилема?

https://p.dw.com/p/16Amx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Познавачите на приликите очекуваат позитивен извештај во октомври, но загрижени се што Брисел јавно ја прозива земјата за меѓуетничките односи и во рамки на дијалогот го отвора прашањето и на добрососедските односи.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека коментарите на Брисел треба да се сфатат добронамерно, во услови кога постојат тензии во владината коалиција и на релација позиција - опозиција:

„За жал ние никако да се опаметиме и на стандардните забелешки кои имаат врска со судството, со медиумите, со администрацијата, во последно време успеавме да додадеме уште една забелешка, а тоа се меѓуетничките односи. А што се однесува до вкопувањето во ровови на политичките фактори, тоа е факт на кој нашите политичари треба да поработат и да почнат да се однесуваат европски, да го почитуваат мислењето на другиот, независно дали со тоа се согласуваат“, смета Муслиу.

Универзитетскиот професор Тони Науновски реагира дека наместо акцент врз напредокот во петте точки од пристапниот дијалог, Филе се фокусирал на политичките проблеми и го отворил прашањето за добрососедските односи:

„Кога се знаат позициите на некои кругови во Бугарија каде не се признава постоењето на македонското малцинство, а истовремено и на другите кои реално егзистираат таму, плус секогаш негативната политика на Грција кон Македонија и тамошното македонско малцинство, станува јасно дека европската приказна на Република Македонија ќе стане допрва со трауматични елементи и мигови, освен доколку ЕУ не започне да применува објективни критериуми и стандарди и за своите досегашни членки. Во спротивно, доколку продолжи политиката на двојни стандарди, односно непринципиелниот притисок кон Македонците и нашата држава, единствена добивка од реформите и соработката со ЕУ ќе бидат објективно квалитетните реформи во некои области и учења од нивната практика“, смета Науновски.

Mazedonien- Stefan Füle und Nikola Gruevski
Штефан Филе ја пофали Владата за постигнатиот напредок во реформите и повика на продолжување на дијалогот за решавање на спорот со иметоФотографија: MIA

Штефан Филе ја пофали Владата за постигнатиот напредок во реформите, за што и досега потврда биле неколкуте препораки од Европската комисија за почеток на преговори. Повика на продолжување на дијалогот за решавање на спорот со името, но истовремено и повтори дека пресудата на Меѓународниот суд во Хаг е поглед кон минатото. Тој не сакаше предвреме да зборува каков ќе биде извештајот на ЕК за годишниот напредок на земјата, но нагласи дека има позитивно чувство.