1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораз по 73 години

12 февруари 2009

Германската фудбалска репрезентација синоќа во Дизелдорф разочара во дуелот против Норвешка во кој беше поразена со 1:0. Главоболки за селекторот Јоахим Лев на кого му претстои доста работа.

https://p.dw.com/p/GsWK
Од натпреварот во ДизелдорфФотографија: AP

Бледо, бавно, без идеја и мотивираност. Вака може да се сумира синоќешното издание на германската фудбалска репрезентација во дуелот против Норвешка. Избраниците на селекторот Јоахим Лев, одамна немале толку слабо издание и тоа против репрезентација која до дуелот во Дизелдорф повеќе од една година немаше победа. Разочарувањето е дотолку поголемо ако се има предвид фактот дека ова е прв пораз на Германија во дуелите против Норвешка по 73 години.

Заслужен пораз

Селекторот Лев изјави дека поразот бил заслужен. Норвежаните според него едноставно ја постигнале целта, биле добро организирани, но во основа ги искористиле пропусти на неговиот тим во делот на одржување на ритамот и брзината на играта. „Бевме бавни, со малку инспирација и создадовме многу малку шанси за гол“, вели Лев. Со сличен став е и капитенот Михаел Балак. Тој смета дека во вакви натпревари во кој одбраната на противникот е како вистински бедем мора да се игра побрзо и да се создава повеќе шанси. „Играта ја градевме многу бавно и затоа дојдовме до многу малку шанси за гол“ смета Балак. За селекторот Јоахим Лев претстои доста работа до крајот на март, кога продолжуваат натпреварите во рамки на квалификациите за СП во Јужна Африка, во 2010. На 28 март Германија игра против Лихтенштајн, а веднаш потоа, на 1 април е дуелот против Велс.