1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попусто се изборни промени, ако нема волја за мирни избори

Горан Петрески17 декември 2008

Претставници на ОБСЕ и на Венецијанската комисија ги пофалија измените во изборниот законик што треба да обезбедат мирни и регуларни избори во Македонија напролет.

https://p.dw.com/p/GHeB
Од каде се парите за изборните кампањи?Фотографија: DW

Во фокусот на странците е одредбата според која - политичките партии ќе мораат да пријават од каде им се парите за изборните кампањи. Најголемата корупција се крие во финансирањето на политичките партии, предупредуваат и домашните експерти. Затоа, овој сегмент мора да биде строго регулиран. Министерот за правда, Михајло Маневски уверува дека државата има капацитет да спроведе фер и демократски избори како еден од условите за евроатланска интеграција на земјата.

„Значи изборната кампања не може да се финансира од неидентификувани извори. Изборната кампања може да се финансира од донации, меѓутоа треба да се води регистар на тие донации, да се знае од каде доаѓаат“, вели Маневски, додавајќи дека е потребно да се обезбеди комплетна јавност и увид во средствата што ќе бидат потрошени.

Менување правила на неколку месеци пред избори е ризично

Претставници на Венецијанската Комисија при Советот на Европа, кои се во Скопје, порачаа дека изборите напролет мора да бидат мирни и регуларни. Секоја земја која сака да спроведе фер и демократски избори има капацитет да го стори тоа, гласи пораката на Венецијанската комисија. Забелешките на нејзините претставници се однесуваат на тајмингот за донесување на измените во изборниот законик. Ризично е да се менуваат правилата на неколку месеци до изборите, смета Венецијанската комисија. Мартин Микалеф, соработник на ова тело на Советот на Европа, вели дека попусто ќе бидат сите промени ако нема политичка волја за одржување фер и мирни избори.

Schwacher Dollar starker Euro Geld Scheine
Фотографија: AP

„Може да го имате и најдобриот закон за избори, но ако нема политичка волја изборите нема да бидат фер и слободни“, вели Микалеф.

Проблем се партиите, а не законот

Домашните експерти, пак, сметаат дека и досега не бил проблем изборниот закон, туку однесувањето на политичките партии. Професорката Гордана Силјановска вели дека изборниот закон и досега бил европски.

„Повредите на изборниот закон не се резултат на недисциплинирани поединци, туку за жал, тоа е, понекогаш, во рамки на партиските политики – важно е да се победи и се смета дека сите средства на макивејалистички начин се дозволени.“ , истакнува Силјановска.

Финансирањето на политичките кампањи е проследено со голем број неправилности. За проферсоката Рената Десковска е несфатливо студенти да се јавуваат како партиски донатори и тоа со огромни суми пари.

Aktenkoffer mit Euroscheinen, thumbnail
Фотографија: BilderBox

„Кога ги гледав тие извештаи си го поставив прашањето – колкав ли е џепарлакот на тие студенти кои што можат да донираат 200.000 денари на една политичка партија, што е сума што не може или тешко може да ја издвои лице кое што е вработено.“, се прашува Десковска.

Пари од црни куфери?

Според неа, тука е и дилемата – колкава е мотивацијата на тие студенти да издвојуваат толкави износи пари за финансирање изборни кампањи. „Тоа претставува сериозна индиција дека политичките партии, практично, се финансирани од црни куферчиња“, констатира Десковска.

И на изборите во 2006. година им претходеше донесување нов изборен законик, а Европа и тогаш предупредуваше дека таквите закони треба да се донесуваат најмалку една година пред одржувањето на изборите. Како клучни слабости во претходниот законик беа посочувани одредбите што го регулираат финансирањето на политичките партии и изборот на составот на Државната изборна комисија.