1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Популизмот ги релативизира протестите

Катерина Блажевска7 октомври 2012

Кога на секој протест се организира контрапротест, а на секој синдикат се одговара со формирање друг, тоа значи дека на демократијата и’ се одговара со популизам, оценуваат експертите.

https://p.dw.com/p/16Lp3
Фотографија: MIA

Германскиот социолог Ралф Дарендорф бил во право кога дефинирал дека „она што за некого е популизам, за друг е демократија, и обратно". Граѓанскиот активизам во Македонија се наоѓа токму на таа црвена линија меѓу демократското право на протест и популистичкиот одговор на тоа право, велат експертите. На секој протест се организира контрапротест, на секој синдикат се одговара со формирање друг.

Власта по секоја цена се обидува да ги задуши сите автентични облици на граѓански револт против владините политики, а кулминација на тоталитарното владеење е забраната на штрајкот на лекарите со судска одлука, што е преседан од невидени размери, тврди Емилијан Станковиќ, портпарол на СДСМ. „Огромните дози на континуиран популизам, во седмата година од владеењето на Груевски, доведоа до апсурд: партиски членови вработени од државата протестираат против невработените, директори и министри организираат протести против синдикатите. Со еден збор, власта протестира  против сопствените граѓани - вели Станковиќ.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат ваквите обвинувања. Никој никаде и на никого не може да му забрани да протестира, бидејќи тоа е право загарантирано со Уставот, вели Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на на ВМРО-ДПМНЕ.

„За СДСМ, сите протести што се совпаѓаат со нивните ставови се во ред, а оние со различно мислење од нивното - не им чинат. Штом некој излегол на протест, значи дека има некаква мака. Не е во прашање популизам. Сепак, ако некој протест има партиска позадина, сметаме дека е добро тоа јавноста да го знае - вели Димовски.

Маркузе во Скопје

Колатерална жртва на меѓупартиските пресметки стана граѓанската иницијатива „Аман", чии приврзаници повеќе од еден месец протестираат против поскапувањата на струјата, парното и горивата. 

„Малициозни структури во општеството, кои се чувствуваат загрозени од изразување на слободната мисла, сакаат да не претстават како предмет на партиска инструментализација, за да создадат привид дека не постои можност граѓаните нешто да сменат во сопствената земја", се жалат од „Аман". Велат дека нив не ги интересира политика и дека ги води изреката на Херберт Маркузе: „Кога неправдата станува закон, отпорот станува наша должност!"

Proteste in Skopje
Зачестија контрапротестите на протестите во МакедонијаФотографија: MIA

Како контрапункт на „Аман" се појави движењето „Изгор приватизација", кое протестира против продажбата на државното Електростопанство (ЕСМ) на австриската ЕВН, настан што се случи точно пред шест години во владејачкиот мандат на социјалдемократите. 

„СДСМ наместо нас да нè оцрнува и партиски да го манипулира „Аман", нека каже за колку пари го продадоа ЕСМ на австрискиот газда? Високите цени се последица на приватизацијата што ја направија тие - реагираат од „Изгор приватизација". И покрај декларирана упатеност во проблемите со енергетика, ниту еден од членовите на „Изгор приватизација" нема одговор на прашањето - кој енергетски субјект со колку учествува во структурата на цената на струјата? Инаку, тој податок е јавен: ЕВН учествува со 35,6 отсто, додека остатокот отпаѓа на државните - ЕЛЕМ со 43,5 и  МЕПСО со 5,7 отсто, како и на ДДВ со 15,3 отсто.

Цената на незнаењето

Општествата што страдаат од депривација, од низок стандард, сиромаштија, криза, непросветеност, се многу поподложни на популистички манипулации, вели Димитар Мирчев, професор по политичка социологија.

„Немаме автентичен граѓански сектор, па здрженијата стануваат опаш на политиката. Потоа се конфронтираат, се делат на наши и ваши, а ако нема „наши" ги- формираме. Ниту една власт по дефиниција не сака граѓански активизам, не трпи супститути на својата политика, затоа што ако зајакнат можат да станат вистинска закана за нејзиниот статус. Оттука, секоја власт, а и нашата власт не е исклучок, прво е претпазлива дали граѓанскиот сектор е под влијание на опозицијата. Второ, настојува тој многу да не зајакне и трето- настојува да го контролира", вели Мирчев.

Според политикологот Ѓорѓи Спасов, „разлика меѓу опозициските и владејачките партии во однос на употребата на популизмот, главно нема или е многу мала". Тоа и им го создава најголемиот проблем на граѓанските здруженија - како да бидат свои, кога некој постојано ги става под своја закрила. "Нема друго решение за нашите граѓански организации, освен да станат самостојни и без влијание на политиката. Тоа е тешко и бавно, но вреди", сугерира Мирчев.